Одржана 16-та информативна сесија во Кавадарци за унапредување на регулативата и начинот на спроведување надзор над пазарот - ПРОЕКТ НА УСАИД „ПАРТНЕРСТВО ЗА ПОДОБРА БИЗНИС РЕГУЛАТИВА ВО МАКЕДОНИЈА“

БизнисРегулатива | 31.05.2018

Во рамките на Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, се одржа информативна сесија на тема: „Јавно-приватен дијалог за унапредување на регулативата и начинот на спроведување надзор над пазарот“, на 31.5.2018 година, во Кавадарци.

Пред присутните се обрати м-р Ивана Крстевска од Стопанската комора на Македонија, која ги поздрави присутните и ги претстави активности од Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива во Македонија“    каде пет клучни сектори се детално опфатени преку анализите на законската регулатива и тоа во секторите: земјоделие, текстил, градежништво, ИКТ-технологии и туризам. Исто така, таа посочи дека оваа информативна сесија претставува исклучителна можност за малите, микро и средните компании, да ги истакнат проблемите со кои секојдневно се соочуваат и истите детално да продолжат да ги дискутираат и решаваат заедно со компаниите и експертите за да им се помогне на компаниите во решавањето на конкретните прашања поврзани со регулативата.
 
Предавач на овој информативен настан беше м-р Кирил Миноски, консултант со 19-годишно меѓународно искуство во креирање политики, развој на институционалниот капацитет, развој на приватниот сектор, управување со промени и проектен менаџмент.

Во првиот дел од сесијата, беше даден краток осврт на тековната состојба на законската рамка којашто го регулира работењето на Државниот пазарен инспекторат, законските надлежности, како и начинот на вршење на инспекциски надзор. Беше даден осврт на постојната состојба во поглед на регулативата којашто го одредува делокругот на работа на Државниот пазарен инспекторат, како еден од носечките инспекциски органи со надлежности во поглед на контролата на трговијата, угостителството и туризмот, безбедноста на производите, заштитата на потрошувачките права и правата од интелектуална сопственост,  за подоцна низ дискусија со приватниот сектор и низ процес на јавно приватен дијалог да се иницираат конкретни решенија кои ќе обезбедат поефикасна контрола над пазарот и воедно креирање на предвидливо деловно опкружување за компаниите.

Во вториот дел од сесијата експертот даде краток осврт на предлозите и конкретните мерки за подобрување на регулативата и начинот на спроведување на надзорот над пазарот.

Свое обраќање имаше и Павлина Димовска, правен консултант од ,„Епицентар“, главен имплементациски партнер на Проектот на УСАИД, која ги поттикна присутните на дискусија со цел компаниите да ги истакнат секојдневните проблеми кои им претставуваат пречка при работење.

На настанот присуствуваа околу 20 учесници од повеќе сектори и тоа: трговија, транспорт, производство на вода и пијалоци, угостителство, текстил, едукативен центар, производство на мебел, ланец на супермаркети, винарија, сметководство, производство на цевки, откуп на овошје и од мелничко преработувачката индустрија.

Овој информативен настан претставуваше одлична можност да се согледаат проблемите на компаниите за да се направат напори за подобрување на јавно-приватниот дијалог во земјата во наредните години во кои ќе се спроведува Проектот за да се олесни работењето на микро, малите и средните компании. Исто така, беа отворени и нови теми и прашања, кои ќе бидат дополнително разработени од тимот на Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, со цел да се придонесе кон подобрување на законската регулатива во Македонија.

Организирањето на овие информативни сесии е веќе започнато и досега беа одржани 15 информативни сесии од вкупно 20 предвидени за 2018 година, на теми поврзани со: животната средина, работни односи, јавни набавки, земјоделие, лиценци за угостителска дејност, пазарна инспекција и даноци и царина. Предавачи на сесиите беа истакнати експерти во наведените области, кои преку презентации ги објаснија законските регулативи на овие теми и поттикнаа дискусии со цел идните конкретни предлози да бидат дополнително разработени од страна на коморите и доставени како предлог-документи до Владата на Република Македонија.

Имплементирањето на законите и јакнењето на јавно-приватниот дијалог за донесување подобра бизнис-регулатива ќе бидат главните приоритети на овој четиригодишен Проект предводен од четирите стопански комори во Македонија и тоа: Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија.


Тања Мицева


Сподели