Информативен настан на тема: „Законски прописи од областа на животната средина“

БизнисРегулатива | 15.03.2018

На 15.03.2018 година во хотел ТЦЦ Гранд Плаза, Скопје, се одржа инфо сесија на тема „Законски прописи од областа на животната средина, постапување со отпад од електрична и електронска опрема во функција на развој, унапредување и конкурентност на компаниите“ во рамки на Проектот на УСАИД - Партнерство за подобра бизнис регулатива.

На настанот се презентираше краток осврт на постојните закони: Закон за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема и Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори. На информативната сесија беа дадени конкретни предлози за подобрување на постојните законски и подзаконски постапки кои произлегуваат од законите за животна средина, за подобро бизнис опкружување.

- „Ова се закони кои ги вмрежуваат компаниите, општините и останатите чинители во општеството, така што ќе разгледаме дел од прашањата кои се проблематични и ќе дадеме и предлог решенија кои подоцна ќе бидат воведени во новите измени во двата закони“ - изјави г-ѓа Анита Никова Бундовски, извршен директор на МАСИТ.

- „Има колективни постапувачи за управување со отпад од електрична и електронска опрема. Потребно е да постои соработка помеѓу колективните постапувачи со отпад и општините за да може да се собере овој вид отпад што потекнува од домаќинствата, но и отпад како што е електричната и електронската опрема и батериите и акумулаторите. Интересот за усогласување на законодавството пред се е за доброто на земјава. Добро законодавство значи подобра животна средина“ - изјави г-ѓа Ана Каранфилова Мазневска, раководител на Секторот за оправување со отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање.

 

Учесниците беа запознаени со разграничените одговорности помеѓу чинителите во постапувањето со отпадот од електронска и електрична опрема, со цел воспоставување на ефикасен систем за управување со отпадот, како и минимизирањето на негативните влијанија од отпадот од електронска и електрична опрема. Во наредниот период проектот ќе продолжи да работи на конструктивни решенија за подобра правна усогласеност на компаниите и поддршка на механизмите за јавно – приватен дијалог помеѓу сите засегнати страни.

Информативниот настан беше спроведен од страна на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија, Сојузот на стопански комори на Македонија и ЕПИ Центар Интернационал, партнери во Проектот на УСАИД: „Партнерство за подобра бизнис регулатива“. 


Сподели