Мал осврт на даночната реформа

Автор: Борче Смилевски

 

Многу најавуваната и (не)дебатирана ‘‘даночна реформа‘‘ преку силно објаснување од страна на (про)владините претставници како во Македонија имаме огромна неправедност за која најмногу е ‘‘виновен‘‘ нели постојниот даночен систем, конечно се материјализираше пред пошироката јавност преку Предлог Закон за данок на личен доход на почетокот на месец ноември 2018 година. Инаку, законот треба да почне да се применува од 1 јануари 2019 година. Годината 2017 беше прескокната со образложение дека нема да се брза со најавеното прогресивно оданочување (иако мандатот на Владата тече) со цел во 2018 да се изврши јавно дебатирање на темата, па новите законски измени ќе важат од 2019 година. Од оваа временска дистанца се чини дека и 2018 е прескокната, ама еве од ноември до нова година има ‘‘доволно‘‘ време да се дебатира и не само да се дебатира, туку и економските субјекти да се подготват за новините.

 

Да, после година и пол од доаѓањето на оваа Влада конечно излезе со нешто конкретно од даночната политика, се разбира, ако не го сметаме зголемувањето на акцизата за горивата. Конкретно, земав да го прочитам Предлог законот и што да видам, реформата започнала од самиот наслов на законот. Наместо Закон за персонален данок на доход, во насловот стои Закон за данок на личен доход. Од каде сега овој наслов? Никој не го дебатираше ова. Се обидувам да најдам логично објаснување, но не можам да најдам. Зошто потребата да се менува терминологија која е општо прифатена (уште од осамостојувањето) и да се стави термин кој воопшто не соодветствува на суштината на текстот на законот. Терминот личен доход повеќе соодветствува на терминот плата што не е конзистентно со она што текстот на законот треба да го регулира а тоа е оданочувањето на разните видови на приходи кои едно физичко лице ги остварува и кои не се состојат само од плата. Ете, го спомнав терминот приходи, но и тој термин исчезнал од текстот на законот и останал само во оној дел каде се спомнува ‘‘орган за јавни приходи‘‘. Значи и терминот ‘‘приходи‘‘ исчезнал и останал само терминот ‘‘доход‘‘ што веројатно ќе придонесе за ‘‘реформата‘‘. Постојат и други терминолошки конвертирања како на пример терминот даночно ослободување сега е даночно изземање, личното ослободување сега е даночно намалување но нема потреба да ги набројувам сите бидејќи буквално сите се без основа и единствено што можам да заклучам е дека се работи за нечиј субјективен пристап од типот историјата почнува од мене па натаму. Можеби намерата била благородна, но во принцип кај оданочувањето не само кај нас локално, туку и во меѓународни рамки воспоставена е специфична даночна терминологија што се применува со години, но очигледно некој се сметал за доволно суверен да ја менува и општо прифатената даночна терминологија со што само ќе придонесе за поголема конфузија кај даночните обврзници. Ваквите терминолошки конвертирања се применети секаде низ текстот. Значи не се променети одредбите од законот во смисла на нивно подобрување или допрецизирање како што е наведено во образложението на предлог законот, туку во најголем дел новите термини само ги замениле старите. Оттука и следува заклучокот дека се работи за повеќе козметички измени, а помалку суштински.

 

Ако ја оставиме терминологијата и се впуштиме во анализа на она што би го нарекле суштинските измени тогаш ја имаме следната состојба:

1.      Воведување на втора прогресивна стапка од 18% која ќе се применува на доходот од работен однос, од вршење самостојна дејност и од повремено или привремено вршење услуги, доходот од авторски и сродни права, и на доход од продажба на сопствени земјоделски производи;

2.      Зголемување на износот на даночното ослободување;

3.      Измени во ослободувањата;

4.      Зголемување на стапката од 10% на 15% за приходи од капитал, имот и имотни права, капитални добивки, добивки од игри на среќа, доходот од осигурување и друг доход.

 

Според тоа, алузиите дека т.н. даночна реформа ќе ги опфати само 1% од ‘најбогатите‘ (а се мисли на вработени кои имаат плата поголема од 90,000 МКД) сега се веќе разбиени и слободно може да кажеме дека опфатот според ‘Предлог законот за данок на личен доход‘ ќе биде многу поголем и пред се на товар на стопанските субјекти. Стопанските субјекти се тие кои како исплатувачи се обврзници да го задржат и платат персоналниот данок и тоа не само по основ на плата, туку и во случај на исплата на доход по основ на договор за повремено или привремено вршење на услуги, авторски права, имот и имотни права, добивки од игри на среќа итн.

 

Но она што мене ми паѓа во очи е дисторзијата на даночниот систем. Имено, данокот на добивка и персоналниот данок на доход се тесно поврзани даноци и секој даночен теоретичар ги има во предвид кога ќе дизајнира соодветни измени во регулативата. Да потсетам, во минатото покрупни измени се носеа паралелно и кај двата закона. Во овој случај не е така. Данокот треба да биде неутрален и да не влијае врз одлуките на стопанските субјекти. Кај нас веќе по првото објавување на Предлог законот реакциите на стопанските субјекти се забележителни и во насока на исплатување на дивиденди, а веројатно и на други приходи до крајот на годината ќе биде во пораст заради заштедување од разликата во стапките. Бизнисот и стопанските субјекти реагираат рационално и економски. Наместо да чекаат до следната година кога ќе се применува повисоката стапка од 18% на приходи повисоки од 90,000 денари или 15% за дивиденди, ќе се одлучат таквите приходи да ги исплатат до крајот на оваа година по стапка од 10%. И тоа е легитимно, исто како што е легитимно и законодавецот да воведе прогресивно оданочување под изговор за праведно оданочување. Но, зошто се врши дисторзија на даночниот систем со вакви решенија каде на пример кога ќе се исплаќаат дивиденди кон правните субјекти истите ќе подлежат на пониска стапка од 10% за разлика од физички лица каде стапката ќе биде 15%. Тоа секако ќе влијае на бизнисот, деловната клима и на деловните одлуки.   

 

Во член 10 личното ослободување (јас ќе ги користам веќе општо прифатените термини) се утврдува на износ од 96,000 денари на годишно ниво, односно се врзува за веќе утврдената минимална плата од 12,000 денари на месечно ниво. Исто така, се утврдува дека личното ослободување ќе се усогласува секоја година според порастот на просечната бруто плата согласно податоци од Државниот завод за статистика. Се поставува прашање, доколку вака усогласеното лично ослободување е поголемо од минималната плата, а очигледно така и ќе биде во следните години, дали органот за јавни приходи ќе врши враќање на дел од данокот на овие лица заради тоа што тие ќе имаат негативна даночна основа? Од законот не може да се види како ќе постапува УЈП во овие ситуации.

 

Исто така, поради аконтативноста на оданочувањето веројатно често ќе се случува да во дадени месеци се примени втората повисока стапка, но на годишно ниво каде се агрегираат приходите сепак вкупниот износ да биде во прагот само на првата стапка. Тоа ќе значи дека органот за јавни приходи ќе треба да го враќа соодветниот дел од данокот на обврзникот, и во член 99 е регулирано дека обврзникот може да бара враќање на данокот. Како ќе се одвива враќањето останува да видиме, се надевам дека ќе оди по автоматизам.

 

Ослободувањата од членот 6 сега се префрлени во член 12 и истите се прередени од незнам какви причини. Но тука има и други измени. На пример:

 

·        точката 29 која се однесуваше за ослободување на надоместоци на трошоци за сместување и превоз за лица кои не се вработени кај исплатувачот но се ангажирани во функција на неговата дејност е избришана. Значи повторно се враќа оданочувањето на трошоците за компаниите кои ги имаат за своите деловни соработници кои доаѓаат во функција на дејноста. Попрецизно, доколку македонските компании го платат трошокот за авионски превоз и хотелско сместување на своите деловни соработници од странство за престој во Македонија, за таквиот трошок ќе платат персонален данок, пардон данок на личен доход.

 

·        Точката 30, а сега е точка 40 која се однесува за ослободување на трошоци за сместување и превоз за лица учесници на настани во рамки на активности на организации основани согласно Законот за здруженија и фондации и изменета на начин што е поставено ограничување на настаните со времетраење не повеќе од 3 дена. Минатата година оваа одредба беше воведена како големо олеснување за здруженијата и фондациите, а веќе после една година еве истото се ограничува на само три дена. Од каде произлегува мотивацијата за вакво временско ограничување само на невладините организации, но не и на другите субјекти во овој член како што се синдикатите, спортските клубови или филмските продуценти е навистина нејасно. Сепак, ваквото ограничување не само што е дискриминаторски, туку значи и дополнително оптоварување на невладиниот сектор и чекор назад од она што невладините организации еднаш веќе го добија. Значи ако настаните траат 5 или повеќе наместо три дена, истите ќе треба да пресметаат и платат персонален данок за учесниците на ваквите настани. Зошто потребата од вакво ограничување нема објаснување.

 

Кај капиталните добивки се воведуваат нормирани трошоци што е за првпат во историјата на овој закон. Позадината зад терминот ‘нормирани трошоци’ е дека на обврзникот треба да му се признаат одредени трошоци кои настануваат во процесот на создавањето на одредено авторско дело. Ама нормирани трошоци не може да се предвидат кај капитална добивка која претставува разлика помеѓу продажна и набавна вредност. Евентуално, може да се предвиди намалување на даночната основа кај капиталната добивка, ама нормирани трошоци како термин не му е местото тука. Но она што е најбитно е дека постојното намалување од 30% за капиталните добивки сега се намалува на 10%. Значи тој што ќе оствари капитална добивка сега ќе плаќа поголем данок.

 

Се воведува оданочување на камати на депозити над 15,000 денари по стапка од 15%. Досега не беа оданочувани. Во исто време, законот предвидува дека капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и оданочувањето на каматите на орочени штедни депозити ќе се применува од 1 јануари 2020 година. Каде е тука праведноста да го одложуваш оданочувањето токму на овие категории на доход наспроти другите не можам да видам.

 

Исто така, ваквите промени во оданочувањето ќе бара соодветно софтверско прилагодување на Управата за јавни приходи, но не слушнавме информација дека истото е подготвено. Се надевам дека од 1 јануари нема да се предизвика нарушување на електронската комуникација помеѓу стопанските субјекти и УЈП околу исполнување на своите обврски утврдени во согласност со закон.

 

Се на се, да резимирам законодавецот со овој предлог закон повеќе се занимавал со терминолошки модификации и многу помалку со суштински измени. Направени се зголемувања на стапките не само кај платите туку и кај другите категории на доход со што се зголемува даночното оптоварување како кај физичките лица така и кај стопанските субјекти. Ако веќе Владата е решена да оди со воведување на прогресивност во оданочувањето, останува да лебди прашањето зошто таа прогресивност не се однесува на вкупните приходи што едно лице ги остварува туку акцентот е ставен само на оние индивидуи кои остваруваат доход од личен труд и кои ќе плаќаат по прогресивна стапка од 10% и 18%, додека оние што остваруваат приходи од капитал ќе плаќаат по пропорционална стапка од 15%. Со тоа тезата за праведност во оданочувањето (иако како теза можам да ја прифатам но не без да ги земам во предвид другите фактори кои имаат влијание при креирање на даночна политика) е сериозно поткопана уште во самиот старт, па оттука и го разбирам незадоволството кое е толку очигледно кај оние 1% што директно ги засега.

 

И покрај тоа што бизнис заедницата се изјасни дека сеуште не е време за реализација на најавените промени во даночната политика сепак Владата е истрајна да оди со зголемено оданочување. Двете страни се со спротивставени ставови, но мислам дека аргументите се повеќе на страна на бизнис заедницата отколку на легитимното право на Владата да воведува прогресивно оданочување. На крајот, после ваков текст на Предлог законот некако тезата за праведно оданочување која се користи како изговор за вакви измени, паѓа во вода. Затоа и останува чувството дека за да спроведеш одредена даночна политика ти треба и повеќе знаење како да ја дизајнираш и спроведеш. Колку вака осмислената даночна политика на Владата ќе опстои ќе покаже времето и следните избори. 

 

Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и  ЕПИ ЦЕНТАР ИнтернационалСодржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош. 


Поставени прашања на актуелната тема


Сподели



Борче Смилевски

Борче Смилевски

Експерт од областа на даночна политика. Учесник во изготвување, донесување и промени на закони од областа на директните и индиректните даноци во Македонија. Има повеќе од 18 години искуство поврзано со даночни прашања како член на различни организации од приватниот, јавниот и невладиниот сектор. Во досегашната кариера има објавено бројни публикации во земјата и странство поврзани со неговата експертиза. Актуелен претседател на Центарот за даночна политика.