Даночни ослободувања за компании кои ќе донираат за развој на спортот

Со цел да се поттикнат компаниите да инвестираат во развојот на спортот, во Законот за данокот на добивка се предвидени даночни ослободувања за компаниите кои ќе донираат финансиски средства на националните спортски федерации, Македонскиот Олимписки комитет, спортските клубови и индивидуалните спортисти. 

Законот им дава право на компаниите да го намалат пресметаниот данок на добивка за износот на дадената донација на некој од гореспоменатите субјекти, но најмногу до определен процент од пресметаниот данок. 

Конкретно, Законот пропишува дека на :

1) обврзникот (компанијата) кој донирал финансиски средства на спортски федерации  и Македонскиот олимписки комитет кои се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок за износот на дадената донација но најмногу до 40% од пресметаниот данок,

2) обврзникот кој донирал финансиски средства на фудбалски клубови кои се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок за износот на дадената донација но најмногу до 50% од пресметаниот данок,

3) обврзникот кој донирал финансиски средства на кошаркарски клубови кои се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок за износот на дадената донација но најмногу до 40% од пресметаниот данок,

4) обврзникот кој донирал финансиски средства на ракометни клубови кои се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок за износот на дадената донација но најмногу до 40% од пресметаниот данок.

5) обврзникот кој донирал финансиски средства на спортски клубови во другите спортови кои не се погоре наведени  кои се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок за износот на дадената донација но најмногу до 35% од пресметаниот данок.

6) обврзникот кој донирал финансиски средства на активни спортисти од  олимписките спортови и кои таквиот статус го стекнуваат според услови и критериуми пропишани во Законот за спортот, кои средства се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок за износот на дадената донација но најмногу до износот од 10% од пресметаниот данок.

7) обврзникот кој донирал финансиски средства на активни спортисти од неолимписки спортови и кои таквиот статус го стекнуваат според услови и критериуми пропишани во Законот за спортот, кои средства се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок за износот на дадената донација но најмногу до износот од 5% од пресметаниот данок.

Компанијата која донирала финансиски средства на спортски клубови, има  право на намалување на пресметаниот данок, доколку клубовите се натпреваруваат во национален систем на натпревари каде има натпреварување во организирана лига и да имаат регистрирана и активна младинска школа.

Законот за данокот на добивка пропишува дека и  за дадените донации на најмногу еден спортски клуб во календарската година кој не учествува во организирана национална лига, на обврзникот му се намалува пресметаниот данок за износот на дадената донација но најмногу до 5% од пресметаниот данок.

За да го оствари правото на намалување на пресметаниот данок на доход компанијата треба да поседува потврда од Агенцијата за млади и спорт дека субјектите кои се корисници на добиените донации се субјекти кои ги исполнуваат условите за користење на правото на даночно намалување согласно Законот за спортот.

Потврдата ја обезбедува примателот на донацијата по претходно поднесено барање до Агенцијата за млади и спорт. Образецот на барањето и потребната документација која треба да се приложи кон истото се достапни на веб страна на Агенцијата за млади и спорт.

При пополнување на Даночниот биланс (образец „ДБ“) компанијата која донирала финансиски средства во спортот, целиот износ на дадената донација го искажува  на реден број 26, додека на реден број 36 го искажува износот на пресметаното намалување на данокот по основ на дадената донација во спортот. 

Даночните поттикнувања (правото на намалувањето на пресметаниот данок)  можат да бидат остварени само по еден од наведените основи и не можат да се кумулираат.

Искористеното право за намалување на пресметаниот данок на добивка по овој основ, го исклучува правото на даночно поттикнување кај данокот на добивка согласно со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности.

Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и  ЕПИ ЦЕНТАР ИнтернационалСодржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош. 


Поставени прашања на актуелната тема


Сподели



Борче Смилевски

Борче Смилевски

Експерт од областа на даночна политика. Учесник во изготвување, донесување и промени на закони од областа на директните и индиректните даноци во Македонија. Има повеќе од 18 години искуство поврзано со даночни прашања како член на различни организации од приватниот, јавниот и невладиниот сектор. Во досегашната кариера има објавено бројни публикации во земјата и странство поврзани со неговата експертиза. Актуелен претседател на Центарот за даночна политика.