Како до поефикасно реализирање на побарувањата со користење на договорите со извршна клаузула

Договорното право кај нас е регулирано, главно, во Законот за облигациони односи. Самиот збор „облигационо“ произлегува од латинскииот збор „Obligare” што значи обврзува, а од него е изведен зборот, „obligatio” што може да се преведе како обврска или долг (долгување).

Основно начело на договорното право е автономија на волјата на арбитрите во договорот. *

Заради ваквото нешто во пракса се појавуваат поголем број видови на трговски договори, за дел од нив законот бара строго определена форма за нивното склучување, а исполнувањето на формата е услов за нивната полноважност.

Неформални или консензуални договори се оној вид договори за чие склучување не е неопходно почитување на однапред пропишана форма.  Доволно е по својата содржина да се јасно и прецизно наведени правата и обврските на договорните страни.

 

Во случај на неисполнување на договорните обврски, секоја од договорните страни има право на судска заштита, независно одформата во која е склучен договорот, а самиот договор потпишан од двете договорни страни има докажувачки карактер.**

 

Додека пак, формални договори се оние за чие склучување е неопходно исполнување на пропишаната форма. Формата може да биде пропишана заради заштита на јавните и општите интереси кои се прифатени од страна на законодавецот, но и заради заштита на поединечните интереси на страните кои се учесници во договорот.

 

По правосилно завршување на судскиот спор, во парициониот рок определен со судската одлука, должникот т.е. обврзаната страна може доброволно да го намири своето долгување.

 

Доколку и во парициониот рок обврзаната страна не ја исполни својата обврска, тогаш договорната страна што бара исполнување, има право во постапка пред извршител да бара присилно исполнување, во својство на доверител.

 

Со други зборови, независно дали се работи за строго формален договор или неформален, неисполнувањето на обврските на некоја од договорните страни, значи задолжително поведување на судски спор, по што следува нова т.е. извршна постапка, ако обврзната страна не го исполни своето побарување и во судски определениот париционен рок.

 

Со донесувањето на Законот за извршување (Сл.весник 35/2005) во 2005 година, се воведе уште еден вид на извршни исправи и тоа Нотарска исправа. Во новиот Закон за извршување (Сл.весник 72/2016) оваа можност остана неизменета.***

 

Освен во Законот за извршување, ова прашање е уредено и со Законот за нотаријатот (Сл.весник 72/2016), согласно кој нотарската исправа може да има својство на извршна исправа во случаите утврдени со закон.****

 

Имено, Договорите со извршни клаузули се формални договори со оглед дека Законот предвидел одредена форма за нивното склучување, како и процедура за пристапување кон нивното извршување кои се регулирани во Законот за извршување и Законот за Нотаријатот.

 

При склучување на договор со извршни клаузули договорните страни се должни да внимаваат на законски определените елементи кои договорот мора да ги содржи за да договорот како извршна исправа биде подобен за директно извршување, и тоа:

 

  • да бидат наведени со детален опис субјектите на договорот за да нема сомневање при идентификација на истите (податоци од лична карта за физичко лице- живеалиште, матичен број и слично, а за правно лице податоци од тековна состојба-седиште, матичен број, даночен број, одговорно лице);
  • да биде опишан предметoт на договорот (дали се работи за набавка на стока, давање на услуга и слично, точен опис на деловниот потфат со точни карактеристики за да нема забуни, рокови, важање на договорот, автоматско продолжување и слично);
  • да содржи што по прецизен опис на обврските на договорните страни, особено во однос на видот на обврската, обемот и времето на исполнување на обврската;
  • Особено кај договорите кои претпоставуваат подолгорочна соработка да се опише точно процедурата на нарачка, прифаќање, рокот на испорака, последици од непочитување на рокови. Со еден збор за секое непочитување на обврската во договорот треба да се предвиди последицата на пример: ако не одговори на нарачката се смета дека не е нарачано или ако не одговори на нарачката се смета дека е прифатена; потоа ако не испорача плаќа пенали или договорна казна и надомест на штета. Самата договорна казна исто така може да биде опфатена со извршната клаузула и надоместот на штета, но со прецизни критериуми како ќе се пресметува. Може да се предвиди процедура за плаќање, со можност да и биде даден дополнителне рок за плаќање, па дури потоа да се смета за достасана обврската.
  • Всушност извршната клаузула не е начин за „казнување“ туку за побргу стигнување до „правдата“, но за да договорот ја исполни својата цел потребно е договорните страни што по прецизно да ги опишат правата и обврските, како и процедурите и правните последици од нивното не почитување.
  • договорот мора да содржи изјава на обврзаната страна дека по доспеаноста на обврската може да се спроведе непосредно извршување.

 

Во случај кога имаме договор со извршни клаузули, а обврзната страна падне во задоцнување, доверителот има право до нотарот кој ја солемнизирал приватната исправа т.е. договорот да поднесе барање да се стави  потврда на извршност целосна или делумна.

 

Кон барањето доверителот задолжително приложува и заверува изјава под потполна морална, материјална и кривична одговорност дека побарувањето или дел од него е доспеано опишувајќи ја прецизано обврската, во обем и висина, како и датата од кога должникот паднал во задоцнување т.е. обврската доспеала.

 

Потврдата за извршност на нотарската исправа нотарот ја става врз основа на изготвена посебна потврда за целосна или делумна извршност на нотарскиот акт.

 

По добивање на потврда за извршност на договорот, доверителот има право директно да покрене постапка пред надлежен извршител за намирување на своето побарување.

 

Всушност предноста се состои во можноста договорната страна што има побарување да пристапи директно кон намирувањето во извршна постапка, доколку обврзната страна падне во задоцнување, без водење на судска постапка.

 

Неспорно е дека повеќе време ќе биде потрошено во договарањето и состав на договорите

***** особено јасно прецизирање на правата и обврските, но во случај на задоцнување на обврзната страна, наместо водење на судска постапка, која е долга и финансиски исцрпувачка, договорната страна доверител има право по добивање на потврдата на извршност, непосредно да покрене постапка пред извршител за присилно намирување на своето побарување.

 

Така, наместо финансиските средства да ги трошат непродуктивно во судски постапки субјектите можат да ги вложуваат во раст и развој на друштвото и подобрување на неговата конкурентност на пазарот.

 

Судската пракса бележи случаи, кога нотарот ќе стави печат на извршност, а обврзната страна смета дека нема услови за истото.

Во таков случај обврзното лице има право да побара укинување на клуаузулата на извршност пред Нотарот. (член 53 од ЗН)

Нотарот ќе го повика доверителот да завери изјава дека е согласен со истото, односно ги „прифати“ аргументите на обврзната страна. Доколку доверителот не завери таква изјава, тогаш по барањето за укинување на клаузулата на извршност одлучува надлежниот Суд.

 

Судската пракса бележи и случаи на двојна исплата на долг. Имено, обврзната страна постапила по нејзините обврски, но доверителот  и покрај тоа покренал извршна постапка.

Во таков случај, оштетената страна има право да бара враќање на двојно платеното по основ на стекнување без основ, што не го исклучува и правото на надомест на настанатата штета.******

Со оглед пак, на фактот што договорот добива клаузула на извршност врз основа на нотарски заверена изјава на доверителот под морална, материјална и кривична одговорност,  оштетената страна има право на покренување и кривична постапка против истиот.

 

Иако е зголемено користењето на овој тип на договори, сепак е недоволно. Постои и не можноста на „помалите“ субјекти да се наметнат на пазарот доколку инсистираат на склучување на договори, особено на договори со извршни клаузули. Но, останува можноста при нивно зачестено користење да станат и пракса која освен што ќе овозможи побрзо стигнување на „правдата„ и по одговорно однесување на обврзната страна, поради што е и потребно инсистирање на ваквиот тип на договори.

 

Би можеле да заклучиме дека предностите на договорите со извршни клаузули се: скратување на времето на реализирање на побарувањето (независно дали се состои од парично или непарично побарување), намалени трошоци т.е. без трошоци за судска постапка*******, избегнување на неизвесноста на судската постапка, директно пристапување кон присилно извршување и секако по одговорно однесување на обврзната страна.

 

*Закон за облигационите односи-Слобода на уредувањето на облигационите односи-Член 3

 

Учесниците во прометот слободно ги уредуваат облигационите односи во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи.

 

Должност за исполнување на обврски-Член 10

 

(1) Учесниците во облигациониот однос се должни да ја извршат својата обврска и се одговорни за нејзиното исполнување.

(2) Обврската може да се згасне само со согласност на волјите на учесниците во облигациониот однос или врз основа на закон.

 

Кога договорот е склучен- Член 18

 

Договорот е склучен кога договорните страни се спогодиле за суштествените состојки на договорот.

 

Изјава на волја-Член 20

 

(1) Волјата за склучување на договор може да се изјави со зборови, вообичаени знаци или друго однесување од кое со сигурност може да се заклучи за нејзиното постоење, содржина и идентитетот на давачот на изјавата.

(2) Волјата за склучување на договор може да се изјави и со помош на различни комуникациски средства (телефон, факс, интернет врска и други).

(3) Изјавата на волја мора да биде направена слободно и сериозно.

 

** ЗОО-Толкување на договорот-Примена на одредбите и толкување на спорните одредби-Член 91

 

(1) Одредбите на договорот се применуваат онака како што гласат.

(2) При толкувањето на спорните одредби не треба да се прифаќа буквалното значење на употребените изрази, туку треба да се истражува заедничката намера на договорачите и одредбата да се разбере така како што тоа им одговара на начелата на облигационото право утврдени со овој закон.

 

*** ЗИ-Извршност на нотарска исправа-Член 16

 

(1) Нотарската исправа е извршна исправа, ако станала извршна според посебен пропис кој ја уредува извршноста на таквата исправа.

(2) Решение за издавање на нотарски платен налог станува извршна исправа со ставање на потврда за правосилност и извршност од нотарот.

(3) Врз основа на нотарска исправа која станала извршна во еден дел, извршувањето ќе се спроведе само во тој дел.

 

Подобност на извршната исправа за извршување-Член 17

 

(1) Извршната исправа е подобна за извршување ако во неа се назначени доверителот и должникот, како и предметот, видот, обемот и времето на исполнувањето на обврската.

(2) Ако во извршната исправа не е определен рокот за доброволно исполнување на обврската, извршителот го повикува должникот во рок од осум дена од денот на доставувањето на поканата да ја исполни обврската утврдена во извршната исправа.

(3) Извршителот, во случај кога должник е физичко лице, а доверител правно лице кое овозможува комунални услуги дефинирани во член 11 точка 14) од овој закон, задолжително пред да преземе било какви други извршни дејствија со налог, ќе го повика должникот во рок од 3 дена да го намири побарувањето и истовремено ќе побара од него да ја соопшти својата имотна состојба, статусот на вработено лице и висината на приходите од плата и други надоместоци.

Ставот 3 од овој член е укинат со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У. бр. 143/2016 од 29 ноември 2017 година, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 178/2017.

 

**** ЗН-Извршност на нотарска исправа-Член 53

 

(1) Нотарската исправа е извршна исправа, ако во неа е утврдена определена обврска за чинење за која странките можат да се договорат и ако содржи изјава на обврзникот за тоа дека врз основа на таа исправа, може заради остварување на чинењето по доспеаноста на обврската непосредно да се спроведе присилно извршување.

(4) Ако обврската зависи од некој услов или рок кој не е одреден календарски, за извршноста на нотарската исправа, потребно е со јавна исправа или изјава на доверителот заверена од нотар да се докаже дека настапил условот, односно настапил рокот.

(5) Нотарот кој го составил нотарскиот акт или ја потврдил (солемнизирал) приватната исправа ќе стави потврда за извршност на исправата, по писмено барање на доверителот, кон која е приложена неговата заверена изјава од нотар под потполна морална, материјална и кривична одговорност, дека побарувањето или дел од него доспеало. Потврдата за извршност на нотарската исправа нотарот ја става врз основа на изготвена посебна потврда за целосна или делумна извршност на нотарскиот акт.

(7) Во случај на спор за исполнување на условот или настапување на рокот за извршноста на нотарската исправа одлучува надлежен суд во парнична постапка. Нотарот ќе ја укине потврдата на извршност врз основа на правосилна судска одлука или врз основа на заверена изјава од нотар од доверителот дека е согласен да се укине потврдата на извршност. Нотарот ја укинува потврдата за извршност со изготвување на посебен записник. Примерок од записникот за укинување на потврдата на извршноста, нотарот ќе им издаде на странките, доколку тоа го побараат.

(8) Судот ќе го одложи извршувањето во случаите кога ќе утврди дека при составувањето или издавањето на нотарската исправа не се почитувани условите кои мора да бидат исполнети за таа да добие својство на јавна исправа или да добие сила на извршна исправа.

 

*****ЗН-Член 55

 

 (2) Приватната исправа од ставот (1) на овој член, задолжително треба да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис доколку се работи за правна работа со вредност над 10.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, освен доколку една од странките е Република Македонија. Доколку се потврдува приватна исправа чија вредност е под 10.000 евра, каде една од странките е банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво, приватната исправа не мора да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, а доколку вредноста на правната работа е над 10.000 евра, едната страна е должна да обезбеди адвокатски печат и потпис.

 

******Двојна исплата на долг-ЗН-Член 201

 

Тој што ист долг го платил двапати, па макар еднаш и врз основа на извршна исправа, има право да бара враќање според општите правила за стекнување без основа.

 

*******Во судски трошоци влегуваат: судски такси (2% од вредноста на спорот  за такса за тужба, 2% од вредноста такса за одлука, 4% од вредноста такса за жалба, 4% од вредноста за ревизија) адвокатски трошоци (на пр: за вредност од 300.000,оо до 600.000,оо денари за состав на тужба 7.800,оо + 18% ДДВ, за застапување 9.360,оо ден.+18% ДДВ), потоа вештачења, проценки и слично. Регулирани се со Законот за судскте такси, Закон от за парничната постапка и Тарифа за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.


Поставени прашања на актуелната тема


Сподели



адвокат Снежана Станковиќ

Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје, 1992 година. 1 година работи во Макпетрол-Гама како правник. 11 години во адвокатската канцеларија Панчевски како адвокат. Во 2004 година е назначена од Владата на Република Македонија како Генерален секретар и ја врши оваа должност се до 2006 година. Во 1996 година добива дозвола за постапки на интелектуална и индустриска сопственост;. Во 2001 година положи Нотарски испит. Зборува Англиски, Српски и Хрватски јазик. Посетува разни семинари за обука вклучувајќи социјални прашања и проекти за „Владеење на правото“ во Судските реформи.