ПЕРЗИСТЕНТНИ ОРГАНСКИ ЗАГАДУВАЧИ - Инвентаризација на индустриски хемикалии POPs во отпад од електрична и електронска опрема и отпад од дотраени возила во Република Македонија, напишано од експертот Славјанка Пејчиновска – Андонова

 Живееме во дигитален свет каде автоматизацијата и вештачката интелегенција ги трансформираат индустриите, нашиот секојдневен живот и нашата заедница. Електричната и електронска опрема која се повеќе се користи во дигиталниот свет, на крај од животниот век станува отпад кој се јавува како меѓу производ и се очекува неговата количина да расте со непредвидливи стапки. Пред стручната јавност, но и пред сите нас се јавува прашањето како да се најде соодветно решение за управување со отпадот од електрична и електронска опрема (e-отпад/е-waste) што ќе значи дека сите напредни технолошки достигнувања ќе треба да стимулираат безжична иднина и да обезбедат циркуларна економија која на одржлив начин ќе ги искористи вредните ресурси кои се содржат во е-отпадот.

Согласно истражувањето на Global E-waste Monitor 2017, светот во 2016 година генерирал е-отпад (вклучувајќи фрижидери, телевизори, мобилни телефони, компјутери, микробранови пеќки, играчки кои користат електричен погон, индустриска мониторинг опрема, машини за кафе и др. опрема) еднаков по својата тежина на скоро 9 Големи Пирамиди од Гиза или 4.500 Ајфелови Кули. Експертите предвидуваат дополнителен раст на количина на е-отпадот  од 17%, што значи до 2021 година ќе се создадат 52,2 милиони тони. Само 20% од генерираната количина е собрана и рециклирана иако во овој тип на отпад има големи количини на злато, сребро, бакар, платина, паладиум и други вредни материјали.

Просечно, секој граѓанин на светот генерирал по 6,1 кг е-отпад, а најголеми создавачи се жителите на Австралија и Нов Зеланд (17,3 kg/жител од кои само 6% се формално собрани и рециклирани), а жителите на Европа (вклучувајќи ја и Русија) создаваат 16,6 kg/жител, но истовремено, Европа има највисок степен на собирање и рециклирање (35%), додека жителите на Африка генерираат 1,9 kg/жител е-отпад.

Македонскиот просек е околу 9 кг/жител е-отпад, но за жал мал е процентот на собран и рециклиран е-отпад посебно од другите видови на отпад и истиот завршува на депониите.

Сигурно се прашувате зошто е важно е-отпадот да се селектира посебно од другиот отпад, правилно да се собере и рециклира на одржлив начин и безбеден за работниците кои ќе ја демонтираат опремата како и да се заштити животната средина во околина на рециклирачките центри?

Отпадот од електрична и електронска опрема во себе содржи голем број на ретки метали, но исто така содржи т.н. POPs (перзистентни/неразградливи органски соединенија) хемикалии кои се опасни хемикалии и долгорочно остануваат непроменети во животната средина, географски лесно се дистрибуираат, се акумулираат во масното ткиво на луѓето и животните и изложувањето на многу ниски дози на некои од нив може да предизвика рак, оштетувања на централниот и периферниот нервен систем, болести на имунолошкиот систем, заболувања на репродуктивниот систем, пореметувања на развојот на доенчињата и децата.

Но ова не значи дека електричната и електронска опрема е опасна за секојдневна употреба. Неправилното ракување во текот на целиот животен циклус на оваа опрема, особено при управувањето со нејзиниот отпад (е-отпад) може да доведе до емисии на POPs хемикалии и нивно акумулирање во човековото тело, кај животните и во животната средина.

Интересни за нашата дискусија се POPs хемикалиите - група на соединенија PBDE - Полибромодифенил етри) кои се група на бромирани индустриски хемикалии кои широко се додавале како материи кои го забавуваат горењето, во некои форми на адитиви, во артикли за широка потрошувачка како пластика за пакување електроника, полиуретанска гума за автомобили ( 90-95% од c-pentaBDE), во мебел и во текстил од 1970 година. Главна употреба на c-оctaBDE (95%) била во ABS полимерот кој се употребувал во куќишта за електронска и електрична опрема, особено во опрема со катодни цевки и канцелариска опрема како фотокопир машини и печатачи, вообичаена канцелариска опрема и бизнис машини.

 

Најголемите количини на сите хемикалии од групата POPs-PBDE се произведени во периодот помеѓу 1970-2005 (1,3-1,5 Mt). Производството во ЕУ престанало во 1997, а во САД во 2004, но производите кои содржат опасни POPs PBDE хемикалии се уште се користат (на пример стар телевизор, стар компјутер, фрижидер, старо возило и др.), се чуваат во нашите подруми, викендици и еден ден ќе станат отпад (е-отпад) и ќе треба правилно да се отстранат од нашите домови. Електронската и електрична опрема која ги содржи овие опасни хемикалии се наоѓа и во индустриските капацитети и мали и средни компании и комерцијални објекти и компаниите треба да управуваат со е-отпадот на безбеден и одржлив начин.

 

Во 2013 година во рамките на проект финансиран од Организацијата за индустриски развој на Обединетите Нации (UNIDO) за прв пат во Македонија се подготви ажуриран Национален План за управување со POPs хемикалии (Првиот План беше подготвен во 2005 година) кој ја  вклучи и големата група на POPs соединенија PBDE. Фокусот беше само на производи кои најмногу содржат POPs PBDE хемикалии како што се телевизори со катодна цевка, црно-бели и во боја и мониторите со катодна цевка од персоналните компјутери. Количината на c-octaBDE во оваа опрема која е во употреба изнесува околу 6.500 kg, а во отпад од оваа опрема изнесува околу 5.000 kg. од кој половина и повеќе за жал се депонирани на депонии и претставуваат опасност за животната средина и здравјето на луѓето. Може да се претпостави дека вкупната количина на сите видови на е-отпад (од сите групи на производи електронска и електрична опрема) е многу поголема и голем процент е неправилно управуван и завршува на депонии.

 

Кога се зборува за стари возила и отпад од дотраени возила, Инвентарот ги сумира количините на c-pentaBDE во автомобилите произведени во земји кои ги користеле POPs хемикалиите. Се уште се во употреба возила кои содржат околу 3.500 kg  c-pentaBDE, а околу 1.000 kg од оваа хемикалија ја има во отпад од стари возила од кои поголемиот дел се депонирани(70%), согорени или рециклирани. Рециклирањето не се прави во Македонија; отпадот се одвојува од возилото на крај на неговиот век на употреба и се извезува за рециклирање во други земји.

 

Главните предизвици во однос на управување со новите индустриски хемикалии POPs се: а)  недостаток на систем за информирање и доставување на податоци од домаќинствата, јавната администрација и комерцијалниот сектор, собирачите на отпад, превозниците и операторите за управување со е-отпадот и транспортниот сектор, б) ниска свест и капацитет кај засегнатите страни за содржината на компонентите во производите за широка потрошувачка / возилата / електрична и електронска опрема, како и за потенцијалните ризици од POPs-PBDE врз здравјето на луѓето и животната средина, в) недостаток на центри за собирање и третман и обработка на возила на крајот на нивниот век на употреба и центри за собирање и третман и обработка на е-отпад.

Овие недостатоци од друга страна значат можности за МСП да ги развијат своите знаења и технички капацитети во поглед на безбедно управување со е-отпадот, за што ќе треба подобро искористување на средствата од ЕУ фондовите и националниот буџет.

 

Начинот како компаниите да управуваат со е-отпадот е регулиран со законски прописи кои имајќи ги во предвид штетните последици од неправилното постапување со истиот, предвидуваат и санкции кои можат да достигнат и до неколку илјади евра.  

 

Како граѓанин, Вашиот е-отпад можете да го вратите кај трговците од кои сте ја купиле опремата, во собирните места во општините (не сите општини имаат означено места на кои е-отпадот може да се остави) во кои колективните постапувачи со е-отпадот имаат поставено контејнери/боксови во кои отпадот треба да се остави за да може на одржлив начин потоа да се управува со него без да се загади животната средина и здравјето на луѓето.

 

Јавете се во Вашата општина, распрашајте се каде е собирниот центар за е-отпад и однесете го отпадот од Вашиот стар телевизор, мобилен, компјутер или друга опрема.

 

Ако сте компанија, јавете се кај еден од Колективните постапувачи со е-отпад со кои ќе се договорите како да се преземе Вашиот отпад и правилно да се однесе на понатамошно управување и искористување на корисните метали и други супстанции и безбедно управување на POPs PBDE хемикалиите.

Пред да дојдат да го преземат, складирајте го во затворен и заклучен простор, означете ја просторијата со ознака (Складиран е опасен отпад),  и што е многу важно, не ги расклопувајте сами деловите од опремата.

 

 

 

ПРЕПОРАКИ:

 

1.     Не го оставајте е-отпадот  во/до контејнер за комунален отпад бидејќи ќе заврши на депонија и ќе предизвика загадување на почвата, водата, воздухот и негативно ќе влијае на Вашето здравје, здравјето на Вашите деца и внуци....

---------------------------------

 

2.     Материјалите добиени по преработката на е-отпадот ќе бидат употребени за производство на нови производи, а при тоа ќе се заштеди енергија, намали загадувањето и емисиите на стакленички гасови.

 

3.     Рециклирањето на е-отпадот во современи центри ќе ја заштити животната средина бидејќи на правилен начин ќе се постапува со POPs хемикалиите и ќе се обезбедат повеќе места на депониите.

 

 

Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и  ЕПИ ЦЕНТАР ИнтернационалСодржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош. 


Сподели