Прв основен документ каде се пропишуваат правата и обврските на двете страни е Договорот за користење на туристички аранжман кој секој еден потрошувач треба добро да го прочита, да постави прашања доколку нешто не му е јасно пред да го потпише истиот одговор. Во него се пропишани сите права и обврски кои двете страни треба да ги исполнат во однос на реализација на туристичкиот аранжман што е предмет на договорот. Врз основа на овој договор во несакани ситуации или во ситуации на не исполнување на некои од обврските во договорот може да се побара соодветна правна заштита. Меѓутоа постои законска процедура во однос на искористување на правото на заштита на оштетената страна. Членовите 21, 22 и 23 од Законот за туристичка дејност стриктно ги предвидуваат условите, начинот и правото на заштита на двете страни.
Постои одредена постапка или процедура за заштита која е следнава:
Доколку на потрошувачот при реализација на еден туристички аранжман, не му е дадена одредена услуга или е откажан целиот аранжман тогаш првиот начин на заштита е да се обрати до самата агенција, со докази за направената штета или недобиената услуга, за порамнување со агенцијата. Ако аранжманот е откажен од самиот организатор на патувањето (во самиот Договор се наведени условите и начинот на откажување на аранжманот) тогаш на потрошувачот треба да му се понуди друг сличен аранжман кој му одговара на него или доколку не му одговара аранжманот да му се врати во целост уплатената сума. Доколку при користење на аранжманот не се исполнети одредени услуги од страна на агенцијата во поглед на несоодветен категоризиран хотел или наместо полупансион само доручек со спиење се добие, потрошувачот треба да добие др. алтернативни услуги за продолжување на аранжманот, без дополнителни трошоци за него. Ако не е возможно ова или не ги прифаќа самиот потрошувач тие услуги, треба да се компензира корисникот на услугата, односно да се исплати штетата настаната за недобивање на таа услуга. При тоа да не заборавиме дека сите услови на откажување или неисполнување на аранжманот за заштита на двете страни се пропишани во овој Договор склучен меѓу двете страни.
Доколку пак аранжманот е откажен од страна на корисникот на истиот (пак во самиот Договор се наведени условите и начинот на откажување на аранжманот) тогаш корисникот може да го трансферира на друго лице или соодветно да докаже зашто е спречен да го искористи аранжманот ако е од здравствени причини, но и во овој случај во зависност од денот на откажувањето согласно потпишаниот договор може да се наплати одредена сума за откажувањењто, доколку не се располага со добри и соодветни докази за спреченоста.
Доколку не се договорат директно двете страни, тогаш следен чекор е барање на правна заштита до Пазарната инспекција каде се поднесува претставка за која во одреден временски рок треба да биде постапено од страна на овластениот инспектор. Доколку и после ова не се договорат страните се превземаат подрастични мерки, од казнување на договорената страна до судска правна разврска, во зависност од тежината на прекршокот.
Ако збориме за правна заштита во смисла на инстутуцинална заштита на самиот потрошувач, тоа е Пазарната инспекција која е првичната правна заштита каде секој еден оштетен потрошувач треба да побара одредено свое право. Но тоа би било крајното нешто доколку не се договорат двете страни.
При реализација на туристичкиот аранжман секој еден потрошувач треба да побара соодветна лиценца за работа на туристичката агенција. Лиценцата што треба да ја поседува една туристичка агенција согласно Законот за туристичка дејност е Лиценца А, која може да врши организирање на туристички патувања надвор од земјата и во земјата односно да врши турооператорска дејност. Начинот и условите за добивање на оваа лиценца стриктно се пропишани во членот 31 од истиот закон, каде вели дека секоја агенција треба да има склучен договор со осигурителна компанија за одговорност од вршење на дејност во износ од 100.000 евра, или да обезбеди банкарска гаранција во вредност од 100.000 евра. Управителот да има сертификат за раководење со туристичка агенција, доказ за најмалку 4 лица вработени во агенцијата од кои едно лице со високо образование и две лица со доказ за познавање на странскиот јазик, како и доказ дека располага со туристички водич и придружник. Покрај овие критериуми по поднесување на документацијата за добивање на Лиценца А до Министерството за економија, потребано е да достави и доказ Решение за упис во трговскиот регистар и Документ за регистрирана дејност, Известување за исполнување на условите за вршење на туристичката дејност и доказ за платена административна такса во вредност од 350,00 денари.
Покрај туристичката агенција со Лиценца А која има организаторска, односно турооператорска дејност, да продаваат туристички аранжмани може и туристичката агенција што поседува Лиценца Б и тоа во вид на посредник за туристичката агенција со Лиценца А, која нуди продажба и продава туристички аранжмани само во име и за организаторот на патувањата, а тоа е туристичката агенција со Лиценца А, со која има склучено договор за посредување и во нејзино име продава или посредува при продажбата на нејзините аранжмани и стриктно за тоа треба да го извести корисникот и да му го предочи договорот за посредништво и да го запознае корисникот чии услуги он фактички користи при патувањето. Но овде пак ќе напоменеме дека само онаа туристичка агенција која поседува Лиценца А може да врши организирање на туристички патувања надвор од земјата и во странство односно да врши турооператорска дејност, додека оваа туристичка агенција која поседува Лиценца Б – може да врши само посредништво во име на организаторот на патувањето.
Во случај на влошување на безбедносната состојба во државата во која се организира ангажманот и настанување на посериозна ситуација во тој случај агенцијата е должна да го извести купувачот на аранжманот и да го откаже аранжманот од безбедносни причини. Притоа се враќа целосно уплатената сума, доколку не е друго пропишано во договорот каде се пропишани точно условите и роковите за откажување на аранжманот во случај да едната или другата страна не можат да го исполнат договорот.
Се надеваме дека ги запознавме сите оние корисници на туристички аранжмани посебно на што да внимаат при реализацијата на нивните патувања склучени со туристичките агенции посебно сега во текот на летните одмори но и секој пат кога сакаат организирано да посетат некоја дестинации надвор или внатре во нашата држава.
Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал. Содржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош.