Јавните приходи се приходите кои државата ги прибира од граѓаните и стопанството, а истите служат за покривање на јавните потреби.
Јавните приходи во државата се јавуваат во повеќе облици: фискални приходи, приходи од активност на државни претпријатија, јавни заеми, средства од монетарната емисија, помош и донации.
Јавните приходи на државата се остваруваат најмногу од директните даноци: персонален данок на доход, данок на профит како и од индиректните даноци - данок на додадена вредност, акцизи, царини и др. Даноците се најдоминантен облик на јавни приходи во сите современи економии во светот. Освен од даноци, државната каса се полни и од неданочни приходи, кои главно се состојат од: профити на јавните претпријатија, парични, судски и административни такси и слично.
На графиконот е прикажано учеството на јавните приходи во бруто домашниот производ - БДП во Македонија и 5 околни држави, за 2013, 2016, како и проекција за 2019 година. Во Македонија јавните приходи се движат околу 30% од БДП. Глобално, јавните приходи во БДП учествуваат со околу 30 - 50%.
Податоците за анализата се добиени од пресметките и проекциите на Светска банка, изготвени од националните институции на истражуваните држави.