Поддршката на домашните компании во овој период на отворена економија, глобализација и острата конкуренција се од круцијална важност за економии како нашата, бидејќи без одредена поддршка и стимулации нашите компании од страна на државата многу тешко ќе можат да бидат конкурентни на компаниите од поразвиените економии, кои веќе се етаблирани на пазарот.
Имено, Владата на Р. С. Македонија втора година по ред им нуди можност на компаниите да добиваат владина помош во максимален износ од 50% од реализираните оправдани трошоци за инвестиции од инвестициониот проект, во форма на финансиска поддршка. Ова е направено со цел да им се даде можност да го унапредат нивното работење и да инвестираат во најсофистицирани машини, опреми, линии на производство но и во софтверски решенија кои ќе им бидат од корист на компаниите.
Многу важна компонента на оваа мерка е и поддршката за основање на научно-истражувачки центри за кои државата финансиски поддржува до 50% од оправданите трошоци, кои се многу значајни за понатамошен разој на компаниите, преку нови производи, услуги и сл.
Субјекти кои можат да бидат корисници на овие финансиски средства се компаниите кои кумулативно ги исполнуваат овие услови:
- започнале со продуктивна почетна инвестиција,
- имале пораст на вкупните приходи во последната година (2018) во однос на просекот на претходните три години (2015-2017), и
- бројот на вработените во последната година (2018) во однос на претходните три (2015-2017) да не бил намален за повеќе од 5% или за пократок период доколку деловниот субјект е регистриран за помалку од 4 години.
Стартап или новоформираните компании имаат можност да аплицираат за финансиска поддршка, без притоа да мораат да ги исполнат условите за приходи и број на вработени.
Субјекти кои ги исполнуваат условите а кои се исклучени од овие мерки се: вршители на дејност од јавен интерес утврден со закон, лиценцираните дејности, регулирана дејност чија цена ја одредува регулаторно тело, корисници на концесии која би се користеле за продуктивна почетна инвестициија, субјекти кои вршат наменско производство (вооружување и воена опрема) и компаниите кои произведуваат акцизна стока.
Финансиска поддршка нe може да биде доделена на фирми кои се во областа на примарното земјоделство, шумарство и рибарство, освен преработувачките дејности во земјоделството, шумарството и рибарството кои не користат субвенции, и градежните дејности поврзани со изградба и продажба на станбени и деловни згради и само за делот поврзан за ова.
Финансиската поддршка може да биде за следниве видови на поддршка:
Финансиска поддршка за инвестиции
1. Поддршка за нови вработувања;
2. Поддршка за воспоставување и унапредување на соработка со добавувачи од Р. С. Македонија;
3. Поддршка за воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување;
4. Поддршка за инвестициски проекти од значаен економски интерес:
4.1. Исплата на средства во висина на платен данок на личен доход од платите на вработени државјани на Р. С. Македонија;
4.2. Исплата на средства во висина на платен данок на добивка;
4.3. Парични средства во износ до 10% од реализираниот износ на инвестицијата;
4.4. Исплата на парични средства за секој вработен за кој е исплатена нето плата повисока за најмалку 50% од висината на минималната нето плата пропишана со Законот за минимална плата во Р. С. Македонија;
5. Поддршка за пораст на капитални инвестиции и приходи;
6. Поддршка за откуп на материјални средства од деловни субјекти со потешкотии.
Финансиска поддршка за конкурентност
7. Поддршка за зголемување на конкурентноста на пазарот;
8. Поддршка за освојување на нови пазари и пораст на продажба.
Компаниите може да аплицираат за повеќе мерки во исто време но многу важни се следниве ограничувања:
- Доколку се избере мерката бр. 4 не може да се избираат мерките 1, 5 и 6;
- Доколку се избере мерката бр. 5 не може да се избере и мерката 6 и обратно;
- Мерката бр.2 се однесува само за проекти од ТИРЗ;
- Мерките бр.5 и 7 можат да се побараат за исти оправдани трошоци;
- Мерката бр.8 се однесува само за проектите надвор од ТИРЗ.
Постапката за доделување на финансиски средства се спроведува преку доставување барање за доделување финансиска поддршка. Кон барањето се доставува писмо за намери, деловен план за инвестиционен проект, финансиски извештаи за последните 3 години или за пократок период во зависност од датумот на кој компанијата е основана или започнала со дејност.
Институциите до кои се поднесуваат барањата се Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот како и Дирекцијата на технолошките развојни зони. Барањата се поднесуваат најдоцна до 15 октомври во тековната година.
За финансиска поддршка врз основа на овој закон се поднесени 198 барања од претпријатијата, и од нив одобрени се 99 барања.
Според горенаведните податоци на секоја втора компанија што аплицира за финансиска поддршка и се одобрува барањето. Најголеми грешки при аплицирањето на компаниите се несоодветната дејност, погрешни апликации, многу ниско ниво на подготвени апликации и бизнис планови.
Изработено од:
Фатмир Битиќи