Што е БЕПС Инклузивната рамка?
Base Erosion and Profit Shifting Project (во превод, Проект за справување со ерозија на даночните основи и селење на добивките) беше инициран од членовите на Организацијата за економска кооперација и развој (ОЕЦД членовите) и Г20 членовите во 2013 година. Целта на овој Проект е справување со даночните одбегнувања кои се прават од страна на мултинационалните компании. Поточно, како што е наведено во мисијата на БЕПС проектот, беше препознаено дека мултинационалните компании преку различни даночни стратегии, најголем дел од кои се во рамки на законот, „ги експлоатираат неусогласеностите во даночните правила за вештачки да ги пренесат своите добивки во земји со ниски даночни стапки или кои воопшто не наметнуваат даноци, а каде имаат многу мала или воопшто никаква економска активност, или пак ги еродираат своите даночни основи преку признавање на трошоци како што се исплати по основ на камати или авторски права“. Освен фактот дека ваквите активности придонесуваат за намалување на приходите од даноци на државите, тие исто така го имаат негативен ефект врз доброволното усогласување на даночните обврзници со даночната регулатива.
Според тоа, беше креиран БЕПС Акциониот план со цел да се формира унифицирана рамка за меѓународно оданочување која ќе има за цел да го лимитира одбегнувањето на оданочувањето на добивките и приходите. Тој вклучува 15 Акции (БЕПС Пакет) кои покриваат различни теми, сите насочени кон лимитирање на практиките кои се користат за даночно одбегнување преку префрлање на добивки во земји со пониски даночни стапки.
По иницирањето на проектот се дојде до заклучок дека тој не може да функционира без да се вклучат земјите во развој. Поради тоа, истите беа вклучени во меѓународната даночна агенда преку обезбедување на соодветна помош со која ќе се адресираат нивните специфични барања и со која тие ќе можат ефективно ќе бидат вклучени во процесот на поставување на стандардите за меѓународното оданочување.
Ова е овозможено од БЕПС Инклузивната Рамка која ги претставува првите чекори во насока на имплементирање на БЕПС Акциите. Покрај ОЕЦД и Г20 членовите, БЕПС Инклузивната Рамка вклучува и околу 70% од сите останати земји од сите географски региони (над 125 земји и јурисдикции) кои соработуваат во поглед на имплементирањето на БЕПС Пакетот.
Што е со Северна Македонија?
Во скоро време, оваа тема стана доста важна во Северна Македонија, имајќи предвид дека нашата земја се вклучи во БЕПС Инклузивната Рамка во Август 2018.
Со потпишување на Пакетот за имплементација во 2018, Северна Македонија треба да се стреми да ги имплементира четирите стандарди кои се сметаат за минимум: Акција 5 (Штетни даночни практики: рамка за транспарентност), Акција 6 (Злоупотреба на договорите за одбегнување на двојно оданочување), Акција 13 (Документација за трансферни цени) и Акција 14 (Механизми за решавање спорови). Според ОЕЦД, станувањето дел од БЕПС Инклузивната рамка ќе го олесни процесот на имплементација на договорените стандарди кои се сметаат за минимум, како и процесот на рецензирање од страна на останатите членки (peer review), и ќе и даде понатамошна поддршка на Северна Македонија.
Оваа нова и важна област несомнено ќе има влијание на локалната даночна средина и затоа е неопходно да разбереме што претставува БЕПС Акциониот план, БЕПС Инклузивната рамка и какво влијание ќе имаат тие врз Северна Македонија. Имено, сите овие стандарди имаат големо влијание врз очекуваните движења на даночната средина во земјата и е повеќе од сигурно дека во блиска иднина тоа ќе иницира некои промени во даночната регулатива.
Имајќи ги предвид неодамнешните промени во Законот за данок на добивка во поглед на трансферните цени, ова може да се смета како вистинско време да се анализира и разбере BEPS Акциониот План и како тој е поврзан со тие измени. Акцијата 13 е една од четирите минимум стандарди која има за цел развивање на правила во врска со документација за трансферните цени со што ќе се придонесе кон подобрување на транспарентноста за даночните органи преку обезбедување адекватни информации од страна на даночните обврзници.
Поконкретно, Акција 13 пропишува тристепен стандардизиран пристап кој содржи: Извештај земја по земја (Country-by-Country report), Податоци за групата на мултинационални претпријатија (Master File) и Податоци на ниво на даночен обврзник (Local File) и дополнително ги дефинира спецификите и содржината на сите три извештаи одделно. Оваа акција од БЕПС Акциониот план исто така е имплементирана во ОЕЦД Насоките за трансферни цени, кои се широко познати за земјите и даночните обврзници како општа рамка и инструкции во однос на трансферните цени.
Каде сме ние? Неодамнешната промена во Законот за данокот на добивка (ЗДД) во врска со трансферните цени беше една од најактуелните теми во изминатите месеци. Имено, почнувајќи од 2019 година, македонските даночни обврзници ќе бидат обврзани да припремат и достават документација за трансферни цени заедно со поднесувањето на даночен биланс за фискалната година (документацијата за трансферни цени за 2019 година треба да биде поднесена до 28 Февруари/15 Март 2020).
Обврската за подготвување и доставување на извештај за трансферни цени која содржи Податоци за групата на мултинационални претпријатија (Master File) и Податоци на ниво на даночен обврзник (Local File) се однесува на сите оние друштва кои во годината оствариле приход поголем од 60 милиони денари. Како исклучок, даночните обврзници кои оствариле приход во износ од над 60 милиони денари во фискалната година, но нивните трансакции со поврзани друштва не изнесувале повеќе од 10 милиони денари годишно или пак имале трансакции само со поврзани друштва кои се резиденти во земјата ќе имаат обврска да изготват кратка верзија од извештајот за трансферни цени.
Во продолжение, Министерството за финансии објави Правилник со кој се уредува документацијата која треба да ја содржи извештајот за трансферни цени. Содржината на Local file и Master file ја следи содржината на истите документи како што е пропишана во ОЕЦД насоките и Акцијата 13 од Акциониот План (иако македонското законодавство не се реферира конкретно кон ОЕЦД Насоките за трансферни цени и БЕПС Акциониот план)
Со имплементирање на обврската за подготвување и доставување на податоците на ниво на мултинационални претпријатија и податоците на ниво на даночен обврзник Северна Македонија воведе два од вкупно трите извештаи пропишани со Акцијата 13 на БЕПС Акциониот план и ОЕЦД насоките за трансферни цени.
Според горенаведеното, може да се очекува дека Северна Македонија ќе продолжи кон развивање на законодавство во поглед на трансферните цени и со тоа ќе се приближи кон упатствата на БЕПС Акциониот план преку имплементирање и на последната трета точка од Акцијата 13 на BEPS планот, Извештајот земја по земја.
Што е Извештај за земја по земја (Country-by-Country Report)?
Со цел да им помогне на државите во подготвување на локалните законодавства, БЕПС Акцијата 13 предлага модел на Извештај за земја по земја кој што ќе може да биде преземен и адаптиран од страна на земјите.
Накратко, Извештајот за земја по земја се состои од три вида на потребни информации:
- Првиот дел вклучува информации во поглед на глобалната алокација на доходот, платените даноци и бизнис активностите на групата. Поточно, овој дел треба да ги содржи следните информации: даночни јурисдикции на сите деловни единици (друштва) од групацијата, приходи на соодветната бизнис единица од трансакции со поврзани друштва (со исклучок на приходи од дивиденди) како и приходи остварени од трансакции со неповрзани друштва, добивка/загуба пред данок на добивка на сите бизнис единици во групацијата, платен или предвиден данок на добивка, акумулирана добивка, број на вработени и материјални средства, освен пари и парични еквиваленти.
- Вториот дел од Извештајот земја по земја (Country-by-Country report) вклучува информации за сите бизнис единици (друштва) од групата агрегирано по даночна јурисдикција. Овој дел вклучува листа на информации за: даночната јурисдикција на секое друштво, име на друштвото резидент во соодветната јурисдикција, даночна јурисдикција на организирање (или инкорпорирање ако е различна од даночната јурисдикција на резидентност), и бизнис активностите на секое од друштвата како на пример: истражување и развој, поседување или менаџирање со интелектуална сопственост, производство, продажба, маркетинг, дистрибуција, осигурување, администрација, менаџмент услуги, интерно финансирање во групата итн.
- Третиот дел од Извештајот земја по земја содржи дополнителни информации или објаснувања за кои друштвото кое известува смета дека треба да бидат доставени.
Како дополнување на master file и local file, Извештајот за земја по земја нуди поддршка на даночните администрации при правењето на општа процена на ризиците од аспект на трансферните цени, и останатите даночни ризици поврзани со БЕПС.
Горенаведеното претставува инструкција пропишана со БЕПС Акција 13 - Пакет за имплементација. Освен тоа, ОЕЦД Насоките, кои беа усогласени со БЕПС Акцијата 13, препорачуваат сите мултинационални групи да поднесат Извештај за земја по земја, секоја година. Тие пропишуваат и изземање од општото правило за поднесување на таквиот извештај. Имено, Насоките даваат ослободување од обврска за поднесување на Извештај за земја по земја за оние групи чија консолидирана добивка во претходната година е помалку од 750 милиони евра, со тоа што се наведува дека ова ослободување ќе изземе приближно 85%-90% од групите од обврската да поднесуваат Извештај за земја по земја. Пропишаниот праг на ослободување има за цел да го балансира товарот за известување на даночните обврзници и даночните органи.
Сепак, земјите кои ќе го имплементираат БЕПС Акциониот план имаат право да ја преиспитаат соодветноста на износот на приходот кој ќе биде поставен како праг на ослободување. Не се дозволени било какви други ослободувања во врска со поднесувањето на Извештајот земја по земја.
Освен предложеното ослободување на ниво на група, ОЕЦД Насоките за трансферни цени и БЕПС Акцијата 13 оставаат простор за отворена интерпретацијата на правилата за тоа кои ентитети од групата ќе бидат обврзани да го поднесат извештајот. Имено, се уште не е доволно јасно дали сите друштва во групата ќе бидат обврзани да поднесат таква документација или само друштвото кое е краен сопственик. ОЕЦД Насоките само пропишуваат дека различните јурисдикции треба да вложат најдобри напори да усвојат законска обврска за изготвување и поднесување на Извештај за земја по земја за крајните сопственици кои се резиденти во нивните јурисдикции, доколку не се ослободени.
Останува да видиме што ќе биде утврдено во нашето локално законодавство. Дали Северна Македонија ќе го преиспита препишаниот праг, доколку ги усвои правилата за Извештај за земја по земја? Дали сите друштва кои се дел од една група ќе бидат обврзани да поднесуваат Извештај за земја по земја или само друштвата резиденти кои се крајни сопственици на една група?
Како што е споменато погоре, со потпишувањето на Пакетот за имплементација во 2018 се очекува РСМ да почне соработка со ОЕЦД која најверојатно би почнала така што најпрво би се разгледала моменталната состојба на земјата, проследена со понатамошни упатства за идни промени во полињата поврзани со транспарентноста во поглед на даноците, намалувањето на ризикот од злоупотреба на договорите за одбегнување на двојно оданочување, механизми за решавање спорови и барањата поврзани со документацијата за трансферни цени. Останува да се види во кој процент законските измени ќе ги следат инструкциите на БЕПС, но без разлика на тоа, во наредните периоди може да се очекуваат понатамошни чекори кон усогласување на локалните правила со БЕПС и ОЕЦД.
Автори:
Марина Рубен
Коце Јованов
Експерти од даночниот оддел на КПМГ во Северна Македонија
Контакт информации:
Адреса:
Филип Втори Македонски 3, Соравиа Центар, Скопје
Тел
+38923135220
Факс
+38923111811
mk-office@kpmg.com