ЗАКОН ЗА СЕМЕНСКИ И САДЕН МАТЕРИЈАЛ ЗА ЗЕМЈОДЕЛСКИ РАСТЕНИЈА: ДОКУМЕНТ ВО ИНТЕРЕС НА СТОПАНСТВОТО?

 Автор: Проф. д-р Дане Бошев

 

Како да се подобри Законот за семенски и саден материјал?


За поголема конкурентност на производителите и трговците на семенски и саден материјал потребни се измени на законските решенија кои ќе овозможат поголема ефикасност, намалување на трошоците и јасност во законските одредби и подзаконските акти, како и прецизно толкување и спроведување од страна на надлежните органи.

 

Затоа стопанствениците се на став дека е потребна изработка на комплетно нов ЗССМ, кој ќе биде краток, јасен, лесно спроведлив и без можности за различни толкувања. Но, истовремено имајќи ги во предвид фактите дека последна измена на ЗССМ е направена во мај 2018, а во ноември 2018 на барање на бизнис заедницата се доставени предлог-измени на Правилниците кои се поврзани со најновиот ЗССМ и усогласувани со ЕУ регулативите, како и тоа дека направените измени суштински не го олеснуваат работењето во оваа сфера, бизнис заедницата предложи минимални измени на одредени членови, кои се најгорливи точки во тековното работење.

 

Овие измени главно се однесуваат на препакувањето на семенски и саден материјал, одложување на ДУС тестирањето до влезот Република Македонија во ЕУ, ублажување на казнените одредби кои делуваат рестриктивно и ограничувачки, подобрување на цената на етикетите, потоа изедначување на условите за трговија со семенски и саден материјал од сите земјоделски растенија и регулирање на листа на слободни сорти.

 

Предлог решенијата се препорачува да бидат прифатени, бидејќи со ниту еден дел не влијаат негативно на законското работење, туку само ја релаксираат состојбата. Особено треба да се напомене дека предлозите имаат основа и биле имплементирани во претходните верзии на ЗССМ.

 

Во растителното производство постојат повеќе фактори кои го диктираат приносот и квалитетот на примарните производи. Покрај почвените и климатските услови, соодветната агротехника, квалитетната механизација и навремените активности, еден од најважните фактори е правилниот избор на сортите и користењето на сертифициран семенски и саден материјал (ССМ). Всушност, употребата на квалитетен ССМ, е предусловот за постигнување максимални приноси и квалитет, преку експресија на гените кои се вградени во ДНК на секое семе, расад или садница.

 

Бидејќи оваа проблематика е исклучително важна, Република Македонија ги има вградено сите значајни точки, поими и регулативи во еден основен документ, т.е. Закон за семе и саден материјал за земјоделски растенија како основен документ, заедно со останатите подзаконски акти во форма на Правилници, кои ако се подобрат ќе влијаат многу поволно на бизнис климата.

 

Ако се изземе првиот Закон од 2000 година (41/2000), којшто има претрпено големи измени, може да се каже дека првата помодерна форма на овој Закон, која во голем обем била во согласност со Европските Регулативи за оваа проблематика, е публикувана под број 39/2006, на 30.03.2006 година.

 

Првиот впечаток за оваа форма на Законот е дека е доста гломазен, но од друга страна се водело сметка за запазување на Европските Регулативи, кои биле актуелни во тоа време. Иако самата форма е доста обемна, од 2006 до 2018 година се направени десет дополнителни измени, кои за жал не само што не го олесниле толкувањето на членовите, туку дополнително се направени измени, кои најблаго речено се нејасни и збунувачки. За извесен дел од измените може да се каже дека се од реални причини поради усогласување со изменетите ЕУ регулативи, или поради реални проблеми во работата на фармерите и стопанствениците кои се поврзани со оваа проблематика.

 

Бидејќи со измените на одредени членови дополнително се има искомпликувано работењето во оваа област, стопанствениците често пати имаат трпено штети, поради слободното толкување на ЗССМ од страна на Управата за семе и саден материјал (УССМ), која е носител на оваа проблематика, како и поради стриктното придржување кон законските одредби од страна на инспекторите од Државниот Инспекторат за Земјоделие (ДИЗ).

 

Основа, историјат, проблем и образложение за предложените измени

 

Препакување на семенски и саден материјал: чл. 8 ст.10 и ст.11 и чл. 24а

 

Предлогот за измена на чл.8 ст. 10 и 11,, како и чл.24а ја црпи основата од веќе постоечки ставови во ЗССМ 39/2006, 89/2008, 171/2010, 53/2011, 69/2013, со кои е овозможено препакување на семенски и саден материјал од поголеми во помали пакувања. Членот 24а во кој се предлага враќање на препакувањето, всушност постоел како чл.24 и е изменет со измените 187/2013, а апсурдот да биде поголем, измените на чл.8 ст.10 и ст.11 се изменети дури со најновите измени во 83/2018.

 

Доколку се дозволи да се врати можноста за препакување, се очекува да се влијае на намалување на трошоците на снабдувачите, и подобрување на нивната конкурентност на пазарот. Секако предложените измени предвидуваат целосна контрола од државните органи, со цел да се елиминираат потенцијални злоупотреби и истото е објаснето во предлог-измената со додавање на чл.24а.

 

Дополнителен момент со кој се оправдуваат овие измени е дека многу поопасни материи, односно пестицидите, со Законот за здравје на растенија се дозволени да се препакуваат од поголеми во помали пакувања!!!

 

ДУС тестирање: чл. 37, 40, 48 и 50

 

Предлогот за измените во овие членови се од причина што е оставено слободно толкување на УССМ во однос на ДУС тестот. Имено, во сите Закони од 39/2006 до последниот ЗССМ 83/2018, јасно стои во чл. 36 ст.1, дека пријавување на нова сорта се поднесува до УССМ, а во чл. 40 ст.5, дека испитувањата за ДУС се вршат од страна на овластени лица согласно чл. 59 и 60. Со самото тоа, при пријавување на сорта до УССМ, истата ја спроведува понатамошната постапка, освен во случај, ако сортата претходно била испитувана за ДУС во некоја од државите членки на ЕУ (чл.40 ст.3).

 

Бидејќи УССМ е таа која раководи со сите работи од овој Закон (чл.57 и 58), и воедно согласно чл.59 и 60 ги дава овластувањата на овластени лица (факултети, институти, лаборатории...), истата е одговорна за комплетните испитувања, вклучувајќи го и ДУС тестирањето. Но, за жал, поради низа недоречености, УССМ го толкува овој став (чл.40 ст.3), како обврска на пријавувачот на сортата да обезбеди ДУС тест!

 

Како што беше погоре напоменато Р. Македонија настојува да го зголеми домашното производство на семенски и саден материјал, особено со домашни сорти. Но, со несигурниот став на УССМ по ова прашање, само се комплицираа признавањата на домашните сорти и постои опасност да поголем дел од домашни или интродуирани сорти бидат избришани од Националната сортна листа, само поради неажурноста и слободното толкување на законските прописи од страна на УССМ.

 

Дополнителен доказ за конфузноста на повеќе одлуки, се континуираните пролонгирања на обврските да се обезбеди ДУС тест од селекционерите, кои се евидентирани во завршните и преодни одредби на ЗССМ 39/2006, 171/2010 и 83/2018. Во 39/2006 е даден рок за обезбедување ДУС тест од 3 години, во 171/2010 за 5 години, а во 83/2018 за дополнителни 3 години.

 

Во суштина, УССМ како одговорна за проблематиката околу семенскиот и садниот материјал,  требаше да обезбеди домашно овластено лице уште од 2006 година и овој проблем немаше да се провлекува. Дури како опција постоеше УССМ како одговорна за ДУС тестот да направи соработка со некоја странска акредитирана институција, и сите сорти да беа таму испитани. Но, УССМ одбра да ја префрли одговорноста кај стопанствениците. Дополнителен доказ за избегнување на сопствената одговорност е бришењето на последниот дел од реченицата во чл.40 ст.3, која кажува дека УССМ може сама да ги обезбеди податоците доколку е направен ДУС тест во друга институција. Со бришење на овој дел од реченицата, одговорноста се префрла само на стопанствениците (селекционерите).

 

Во суштина, барањето на Коморите се однесува на тоа да обврските за ДУС тест, кои досега се повеќекратно проблематизирани, се одложат до влегувањето на Р. Македонија во ЕУ, од кога официјално ќе важи оваа обврска за домашните стопанственици. Сегашната ситуација само ја отежнува работата на стопанствениците, а обврските се валидни за идно неопределено време.

 

Казнени одредби: чл65а, 66, 66а и 67

 

Предлозите за горенаведените членови се доставени само со цел да се намалат глобите, кои поради својата несоодветна висина и поради многу недефинирани членови во актуелниот ЗССМ, можат да доведат до намалување на ликвидноста, или во најлош случај, до прекин на работата на многу стопанства.

 

Цена на етикетите: чл.23 ст.4

 

Барањето за измена на цените на етикетите е поради тоа што стопанствениците сметаат дека цените се превисоки, а истовремено, доставата на етикетите за ССМ, често пати касни.

  

Kратенки и поими:

 

ЗССМ – Закон за Семе и Саден Материјал. Закон во кој се уредува производството, трговијата, увозот и извозот на семенски материјал, саден материјал и материјал за размножување на земјоделски растенија.

УССМ– Управа за Семе и Саден Материјал. Орган во состав на МЗШВ, кој раководи и работи според ЗССМ и соодветните правилници.

ССМ – СертифициранСеменски/Саден Материјал. Семенски/саден материјал кој има поминато процес на стручно следење на потеклото, производството и квалитетот и доколку ги исполнува условите за квалитет е обележан со соодветна етикета.

ДИЗ – Државен Инспекторат за Земјоделие. Орган кој се грижи за спроведување на ЗССМ и Законите и Правилниците поврзани со овој закон.

ДНК – ДезоксирибоНуклеинскаКиселина. Носител на наследните особини кај живите форми.

ДУС тест – Distinctness Uniformity Stability (Различност Воедначеност Стабилност). Тест за одредување на нова сорта дали истата се разликува од други познати сорти, дали е воедначена и дали е стабилна во однос на генетските особини.

 

Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и  ЕПИ ЦЕНТАР ИнтернационалСодржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош.