Кои се најголемите пречки за флексибилноста на пазарот на труд во Македонија?

Автор: Кирил Миновски

 

Движењата на пазарот на труд имаат клучно значење за економскиот развој. Движењата на пазарот на трудот во Република Македонија во изминативе 27 години, укажуваат на постоење на структурни проблеми на економијата и неусогласеност помеѓу понудата и побарувачката што претставува еден од најсериозните ограничувачки фактори за економскиот развој на земјата.


Анализата на понудата на работната сила покажува дека постои недоволна понуда на  квалитетни работни места што за последица има ниска стапка на економската активност на работна сила, ниска стапка на вработеност и висока стапка на невработеност. Тоа значи дека економијата не е способна да креира доволно работни места кои ќе обезбедат економски раст и развој, вработеност на популацијата и повисок животен стандард.

 

Графикон 1- Стапка на активност во Република Македонија (2006-2017 година)

Извор: Државен завод за статистика

 

Историските податоци за трендот на движење на стапката на активност во Република Македонија покажуваат дека истата се движела во распонот помеѓу 55,1% и 57,3%. Во 2017 година истата изнесувала 56,8 %, додека стапката на активност во ЕУ28 во 2015 година изнесувала 72,5%, што покажува дека голем дел од населението е неактивно. За да се активира поголем дел од работоспособното население неопходна е комбинација од структурни реформи и соодветни политики за активирање на работната сила.

 

Графикон 2 - Стапка на вработеност во Република Македонија (2006-2017)

Извор: Државен завод за статистика

 

Историскиот тренд на стапката на вработеност покажува дека таа бележи тренд на пораст за временскиот период 2006 -2017 година. Сепак, споредено со податоците во ЕУ во јануари 2017 каде што истата изнесувала 71,7%, стапката на вработеност во Република Македонија во 2017 година, изнесувала скромни 44,1% што повторно укажува на сериозни проблеми во функционирањето на пазарот на труд во Република Македонија во однос на европските пазари на труд.

 

Доколку се анализираат податоците за трендовите на движење на стапката на невработеност ќе се види дека во временскиот период 2006 до 2017 година невработеноста бележи опаѓачки тренд. Сепак, и во случајот на невработеноста споредено со невработеноста во ЕУ постојат големи отстапувања, во 2017 година невработеноста во еврозоната изнесувала 8,2% додека во Република Македонија 22,4 %, што е речиси три пати повеќе.

 Графикон 3 - Стапка на невработеност во Република Македонија 2006 -2017 година

Извор: Државен завод за статистика

 

Посебно сензитивно прашање при анализа на стапката на невработеноста е прашањето на долгорочна невработеност, која што ги опфаќа лицата кои што се невработени подолго од една година. Иако стапката на долгорочната невработеност во Република Македонија се намалува што е позитивно за состојбата на пазарот на труд (во 2017 година изнесувала 17,4%), самиот факт што таа е речиси четири пати повисока од онаа во еврозоната (во 2017 година изнесувала 4,1 %) укажува за сериозна неусогласеност помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд и постоењето на сериозни структурни проблеми во начинот на функционирање на економијата. Не само стапката, туку и структурното учество на долгорочната невработеност укажува на долгорочните проблеми на пазарот на труд особено на страната на побарувачката што бара подлабоко испитување на причините и карактерот на оваа невработеност.

 

Табела 1 - Стапка на долгорочна невработеност 2011 – 2017 година

                                                   

Извор: Државен завод за статистика

 

Со понатамошна анализа на структурата на невработените лица ќе се увиди дека посебен проблем претставува и високата стапка на невработеност кај младите лица до 35 годишна возраст, чија што стапка на невработеност во 2017 година изнесувала 53,6%, додека невработеноста на возрасните лица над 55 годишна возраст изнесувала 10,17%.

 

Доколку се анализира образовната структура на невработените се доаѓа до податок дека само 20,88 % се со више и високо образование, што укажува на крајно неповолна структура на невработената работна сила, која што претставува сериозен проблем за економскиот раст.

 

На страната на понудата на работната сила се забележува зголемена побарувачка во преработувачката индустрија каде се отворени нови 2,423 работни места, трговија на големо и мало 1,828 места, административни и помошни услужни работни дејности 779 работни места и во објекти за сместување и сервисни дејности за храна 666 работни места. Согласно степенот на образование лицата кои што се бараат се најчесто со средно или ниско ниво на образование и вештини. Како резултат на негативното миграциско салдо на Република Македонија се поевидентен е недостатокот на определени профили на кадри кои што најчесто мигрираат во поразвиените економии (медицински персонал, ИТ експерти, стручни лица и научници, техничари и сл). Миграциите стануваат сериозен проблем кои што ја менуваат понудата на работна сила и ја зголемуваат неусогласеноста со побарувачката на работна сила.

 

Табела 2 - Слободни работни места според занимања, по тримесечја

Извор: добиено со обработка на податоци од статистичката база на Државен завод за статистика (https://stat.gov.mk)(accessed on 20 October 2018)

 

Податоците за временскиот интервал од 2013 до 2018 година, покажуваат дека се забележува континуиран тренд на зголемена побарувачка на определен вид на кадри што е рефлексија на состојбите и трендовите во економијата. Имено континуираното зголемување на побарувачката на техничари и сродни занимања, работници во услужните дејности и трговијата, како и на работниците со елементарни знаења, укажува на раст на потребите на преработувачката индустрија, угостителството и трговијата, од една страна, а од друга страна на недоволната понуда на работна сила како резултат на неатрактивноста на овие занимања, немањето на доволно работна сила како резултат на несоодветното планирање на образовни програми или на миграциски движења. Од тие причини неопходно е при креирањето на економските политики, да се имаа во предвид демографските трендови и политиките во сферата на формалното и неформалното образование. 

 

Трендовите на движењата на понудата и побарувачката во Република Македонија укажуваат на тоа дека прашањето на флексибилноста на пазарот на труд односно прашањето на  усогласеноста на понудата и побарувачката на работна сила е едно од клучните од кое што зависи севкупниот раст и развој на економијата.

 

Клучните фактори кои што влијаат на флексибилноста на пазарот на трудот се:

-           мобилноста на трудот

-           миграцијата на работната сила

-           флексибилноста на платите

-           колективните договори

-           вештини и квалификациите на работната сила

-           бариерите за влез и излез на работната сила

-           можноста за вработување и отпуштање на работна сила

-           информации за пазарот на трудот

-           флексибилни можности за вработување

 

Во контекст на најавите за промени во работното законодавство треба да се има во предвид дека клучното прашање за компаниите во Република Македонија е прашањето на степенот на ригидноста на работното законодавство, како фактор кој што може да ја ограничи слободата на компаниите за прераспределување на работната сила, што пак е суштествено прашање за растот на конкурентноста на компанијата, градење на здрави работни односи и зголемување на продуктивноста на трудот.

 

Не случајно еден од главните индикаторите за следењето на промените во деловното опкружување на Светската банка, согласно „Doing Business“ рангирањето, се фокусира на начинот на кој што работното законодавство ги третира прашањата на вработување на работна сила, работното време и отпуштањето од работа. 

 

Клучните правци на делување во насока на зголемување на флексибилноста на пазарот на труд и поттикнувањето на економскиот раст и развој во следниот временски период може да се класифицираат во неколку сегменти:

 

Унапредување на деловното опкружување на Република Македонија – Република Македонија покажа забележителен напредок во реформите на деловното опкружување во изминатата деценија, олеснувањето на постапките на отпочнување и водење бизнис, правната и регулаторната предвидливост, поедноставните административни процедури и подобрување на квалитетот на институциите (заштита на имотните права, правните системи и здравствената заштита), создаваат услови приватниот сектор да се фокусира на развојот на бизнисот, намалувањето на трошоците за водење на бизнис и на неговата профитабилност што има повратно поволно влијание врз вработувањето од аспект на отварањето на работните места и унапредување на вештините на работната сила.

 

Во оваа насока од посебно значење е воведување на е-администрацијаи т.н. cloud услуги во јавната администрација, кои што ќе придонесат за елиминирање на бариерите, зголемување на транспарентноста на работењето на државните инситуции, ре-инжинеринг на деловните процеси и креирање на можности за отварање на нови компании во оваа сфера. На овој начин ќе се создадат услови на технолошки скок од аспект на имплементацијата на нови технологии, ќе се воведат нови услуги и ќе се намали бирократијата.

 

Поттикнување на инвестициите – инвестициите се суштествени за создавање на услови за забрзан економски раст и развој и повисока стапка на раст на БДП. Во таа насока неопходно е да се создадат услови за подобрување на инвестициската клима и зголемување на нивото на капиталните инвестиции во транспортната, енергетската, здравствената, образовната и комуналната инфраструктура кои што ќе ја поттикнат економската активност и ќе го зголемат растот. Посебно значајно е да се продолжи со напорите за привлекување на странските директни инвеститори, изнаоѓање на начини за вклучување на домашните компании во синџирот на добавувачи на странските компании со цел да се мултиплицира нивното влијание врз домашната економија, стимулирање на домашните компании да инвестираат во нови технологии, нови производи и интернационализацијата на нивните бизниси. Зголемувањето на инвестициите на директен начин влијае врз економскиот раст и зголемување на побарувачката на пазарот на труд.

 

Зголемувањето на конкурентоста е неопходно за да се исполни основниот критериум создавање на функционална пазарна економија како главен услов за интеграција на Македонија во ЕУ. Во оваа насока неопходни се мерки кои што ќе придонесат за промоција на истражување и развој на домашни научно истражувачки институции во соработка со странски компании и научно истражувачки центри, обезбедување на услови за привлекување на странски инвестиции во областа на истражување и развој, креирање на програми за менторство на домашните компании во насока на унепредување на ефикасноста на нивното работење и деловните процеси, интернационализација на бизнисите и вклучување во глобалните вредносни ланци. Конкурентноста на домашните компании на директен начин влијае врз економскот раст и состојбата на пазарот на труд од аспект на побарувачката за работна сила и структурата на работната сила.

 

Во делот на мерки за поттикнување на конкуреноста посебно значење има креирање на нова Индустриска политика која што ќе биде насочена кон имплеметацијата на придобивките од новата индустриска револуција најчесто наречена Индустриска револуција (IR) 4.0 која е условена од растот на технологијата, влијанието на климатските промени и променливиот карактер на производството и вработувањето.

 

Пристап до финансии зголемување на достапноста на финансиските услуги (особено за мали, но продуктивни фирми) преку обезбедување на евтини кредити и користење на алтернативни форми на финансирање (Equity фондови) кој што ќе имаат за цел: Развој на нови Финтек компании кои што ќе имаат за цел да ги комбинираат аспектите на достапноста на финансиските улуги и користењето на новите технологии, воведување на посебен јавно приватен фонд за поттикнување на конкурентноста, креирање на нови комании преку иницијална емисија на акции врз принципи на јавно приватно партнерство во сферата на ИКТ технологиите, истражување и развој, обновливи извори за енергија и здрава животна средина.

 

Мерки за зголемување на продуктивност - со цел да се обезбедат повисоки стапки на економски раст и да се фати приклучок со земјите членки на ЕУ, неоходно е да се елиминираат структурните и институционалните пречки кои го спречуваат ефикасното користење на достапните технологии или кои доведуваат до неефикасна алокација на ресурсите. Продуктивноста обезбедува поефикасна распределба на ресурсите во фирмите, при што фирмите со повисока продуктивност имаат повеќе ресурси. На тој начин продуктивноста на фирмата го зголемува нејзиниот удел во вработувањето во одредена индустрија и на ниво на економијата како целина.

 

Мерки на страна на понудата на пазарот на труд. На страната на понудата на работна сила, постои потреба за зајакнување на политиките за вработување и ефективноста на посредувањето на пазарот на трудот. Неопходно е да се продолжи со реформата на Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) и начинот на дизајнирање и имплементирање на активни програми за пазарот на трудот (АППТ) користејќи ги добрите практики во земјите на ЕУ. Исто така е неопходно унапредување на системот на посредување при вработување на АВРМ.

 

Ова значи дека активните програми за пазарот на трудот, кои што опфаќаат широк спектар на активности од обука, мерки за поттикнување на претприемништвото,  субвенции за плати и јавни работи, треба да бидат подобро дизајнирани и насочени. Ова пред сé се однесува на најранливите категории и на младите, бидејќи тие претставуваат профитабилна инвестиција од фискална перспектива.

 

На страната на понудата на работна сила посебно значење има и усогласувањето на образовните вештини со барањата на пазарот на трудот, мекри за поттикнување на доживотното учење, креирање на амбиент за промоција на математичките, техничките и когнитивните вештини, зголемување на бројот на лицата со повисок степен на образование и меѓународно признаени професионални сертификати за нивните квалификации и вештини, иницијативи за социјално вклучување и борба против сиромаштијата и сл.

 

Побарувачката за работна сила е функција на побарувачката за стоки и услуги, со оглед на технологијата што се користи. Оттука, се очекува побарувачката за работна сила да биде поголема во услови на раст на економија. Една од клучните детерминанти на економскиот раст е нивото на инвестиции во економијата, што се одразува на очекувањата за иден економски раст и општото деловно опкружување. За зголемување на побарувачката на работна сила посебно значајни е и спроведувањето на структурните реформи кои помагаат да се подобри ефикасноста на распределбата и да се зголеми продуктивноста.  Успешноста на структурните реформи непосредо е условена од квалитетот на институциите (ефикасност на владата), трудовото законодавство (флексибилни плати) и финансиски развој (достапност на финансиски услуги).

 

Република Македонија е исправена пред сериозни задачи ако се има предвид дека во сите компоненти на пазарната економија има сериозни недостатоци, недоразвиености, т.е. неперфектност надополнета со институционални слабости. Ова не затоа што нема формално правно институции и законска рамка, туку недостасува нивно доследно функционирање и спроведување што го искривува пазарното функционирање и ја дерогира конкуренцијата кон монополско и олигополско делување. Тоа се тешки нарушувања за пазарната економија кои мора енергично и упорно да се отстрануваат за да се отвори простор на вистинска и здрава конкуренција што би требало да отвори перспектива за вистинска пазарна економија.

 

 

Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и  ЕПИ ЦЕНТАР ИнтернационалСодржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош. 

 

Сподели