Автор: Кирил Миновски
Со цел да се изнајдат начини за надминување на проблемот со сивата економија, неопходно е најнапред да се даде осврт на семантичкото значење на поимот сива економија. Постојат бројни термини кои што се користат во литературата во контекст на сивата економија. Покрај терминот сива економија, многу често во јавноста за истата појава циркулираат и термините: подземна, неформална или паралелна економија.
Сивата економија не ги опфаќа само нелегалните активности, туку и непријавени приходи од производство на стоки и услуги кои легално се произведуваат или од се дел од банкарски трансакции. Тоа значи дека сивата економија ги опфаќа сите економски активности кои генерално би се оданочувале, доколку истите се пријавени на даночните власти.
Повеќе меѓународни финансиски институции кои се фокусираат на меѓунардониот економски развој се обидуваат да ја дефинираат сивата економија, имајќи го во предвид нејзиното значење. Организацијата за економска соработка и развој – (OECD) ja дефинира сивата економија како „Збир на активности кои се економски продуктивни и сосема легални (под услов да се почитуваат одредени стандарди или прописи), но кои намерно се сокриени од јавните власти поради следниве причини:
а) за да се избегне плаќање на даноци;
б) да се избегне плаќање придонеси за социјално осигурување;
в) да се избегне почитувањето на правни стандарди, како што се минималните плати, максималните часови на работа, стандарди за безбедност и здравје при работа итн.“
Меѓународниот монетарен фонд ги класифицира активностите поврзани со сивата економија во неколку категории:
Избегнување на плаќање даноци – опфаќаат непријавен приход од самовработување, плати, приходи и средства од непријавена работа поврзана со легални стоки и услуги;
Даночна евазија - избегнување на плаќање на придонеси за вработените;
Неплаќање даноци – целосно нерегистрирана продажба на легални стоки и услуги;
Меѓународната организација на трудот (МОТ) ја дефинира сивата економија како економска активност на работниците или компаниите коишто не се законски или се недоволно формално правно поткрепени.
Постојат два начина за мерење на сивата економија: директен и индиректен. Директниот подразбира директнa опсервација на сивата економија, најчесто по пат на анкета или студија, додека вториот метод е индиректниот метод на мерење, кој што базира на користење на макроекономски показатели. Во индиректните методи на мерење на сивата економија најчесто се користат методот на потрошувачка на енергија, методот на побарувачка на готови пари, методата на користење на повеќекратни индикатори и повеќекратни причини (MIMIC) методата.
Мерки за сузбивање на сивата економија, деловни практики и компаративни искуства
Потенцијалните фактори за настанување на сивата економија се класифицираат во четири групи:
1. Висина на даноци
Висината на даноците, вклучително и на придонесите, директно влијаат врз обемот на неформалната економија;
2. Законска рамка
Доколку законската рамка е премногу сложена и тешка, се зголемува мотивацијата за избегнување на законите и за работа во неформалниот сектор.
3. Корупција
Односот помеѓу корупцијата и нерегистрираната економија е правопропорционален. Високата корпуција ја зголемува мотивацијата за работа во неформалниот сектор и високата корупција влијае негативно на примената на законските прописи.
4. Ефективност на владата
Ако владата е поефикасна во обезбедувањето јавни добра, даночниот морал ќе биде поголем и мотивираноста за останување во формалниот сектор ќе биде поголема.
Дел од економистите го минимизираат значењето на наведените фактори и истите се залагаат за спроведување мерки за зголемување на заштитата на работната сила и зголемување на социјалните трансфери со цел намалување на сивата економија.
Затоа, различни земји спроведуваат различни мерки со цел намалување на сивата економија. Повеќето земји прават обиди за воспоставување ефективни механизми за контрола на сивата економија, како што се: имплементација на различни политики, промена на системот на казни, користење на стимулации за економски раст, зголемување на свеста кај населението, реформи во даночниот систем, реформи во системот за социјално осигурување итн. Ефектите од мерките што се применуваат во основа се разликуваат од земја до земја и успехот на истите е условена од повеќе фактори како што се: даночна политика, законодавство, степен на развиеност на инситуциите, даночен морал на населението, стапка на корупција и сл.
Состојба на сивата економија во Македонија
Податоците од мерењето на сивата економија во Македонија, иако се разликуваат во различни студии, генерално покажуваат дека истата се движи помеѓу 32-34% од БДП. За справувањето со проблемот на сивата економија покрај Владата и владините инсиституции, надлежни се и Министертсвото за труд и социјална политика (МТСП), Министерството за економија, Агенцијата за вработување (АВРМ), Трудовата инспекција, Пазарната инспекција, Управа за јавни приходи, Царинска управа и Финансиска полиција. Од посебно значење е инволвирањето на организациите на работодавачи и синдикатите како социјални партнери, како и вклучување стопанските комори, од причина што сивата економија директно го засега капиталот, работодавачите и вработените во формалниот сектор и претставува форма на нелојална конкуренција која што го подрива економскиот раст на земјата.
Почнувајќи од 2013 година се изработува Акциски план за намалување на сивата економија (Министерство за економија, 2013, МТСП, 2014) и истиот претставува консултативен напор за координирање и следење на активностите на неколку институции и регулаторни тела во полето на справување со непријавената работа и нејзините различни.
Мерките што се преземаат опфаќаат активности за јакнење на системот на контрола на инспекциските служби за справување со сивата економија (контроли засновани на управување со ризик, јакнење на форензиката, центар за наплата на глоби и сл) и јакнење на казнената политика, поедноставување на законската рамка и начинот на плаќање на даноци и придонеси (унапредување на системот на е-даноци, електронски услуги за компаниите) , директни даночни стимулации, стимулирање на процесот на вклучување на бизнисите во формалниот сектор (социјален дијалог, минимална плата, намалена стапка на придонеси, регулирање на статусот на сезонските работници, програми и грантови за самовработување, преквалификација и друг вид на активни мерки на пазарот на труд.). Последната група на мерки опфатени со акцискиот план се однесува на јакнење на јавната свест (кампањи и телефонски линии за пријавување на непријавената работа/нерегистрираната дејност).
И покрај позитивните ефекти од спроведените мерки, ефектите од истите треба да продолжат да се анализираат и мерките предвидени во секој нареден акциски план да ги одразуваат реалните потреби во процесот на справување со сивата економија.
Позитивни и негативни ефекти од Законот за спречување перење пари и финансиски тероризам
Со последните измени на Законот за спречување на перење пари и финансиски тероризам се врши усогласување на Законот со европското законодавство во борбата против организираниот криминал. Со одредбите на 4-та ЕУ Директива се спречува употребата на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање на тероризам од 2015 година (29=015/849 ЕЦ). Со законот се проширува опсегот на носители на јавна функција спрема кој што се преземаат мерки на засилена анализа, се воведува и определува надлежноста на Советот за борба притив перење пари и финансирање на тероризам, се зголемува опсегот на физички и правни лица кои што се задолжени да преземаат мерки дејствија: аукции, игри на среќа, обложувалници, автомат клубови и сл. Исто така, се предвидува обврска правните лица да поседуваат регистар на вистински сопственици и се предвидува намалување на износот на забрана за вршење на готовински плаќања од 15,000 евра на 2,000 и се усогласува прекршочниот дел со одредбите од Законот за прекршоци. Несоменено дека во најголем дел измените се однесуваат на Директивата и покривање на дејности што претходно не биле опфатени со Законот, а за кој се наметнала потреба согласно европските искуства. На реакции кај дел од јавноста и дел од коморите наидоа само измените на износот на забраната на вршење на готовински плаќања во која што новиот праг на плаќање во готовина се сведува на 2,000 евра. Од тие причини е неопходно спроведување на дополнителни анализи со цел да се утврди соодветната висина на долниот праг на купување во готови пари, за да се избегне евентуално правопропорционалното влијание врз зголемувањето на сивата еконоимија, од проста причина што регулативата е еден од факторите што директно влијае врз сивата економија.
Искуствата покажуваат дека прашањето на сивата економија е комплексен феномен. Справувањето со сивата економија зависи од низа фактори кои што претходно беа елаборирани (даноци, регулатива, корупција, институции и сл.). Даночната политика е еден од факторите што директно влијаат врз сивата економија. Високите даноци, во услови на неефикасна и бирократизирана администрација најчесто не ги даваат посакуваните ефекти и влијаат врз зголемување на даночната евазија и сивата економија. Во справувањето со сивата економија од посебно значаење е да се продолжи со имплементирање на мерките од акцискиот план за справување со сивата економија, пред се во поглед на активните политики на пазарот на труд. Ваквите политики треба да ја зголемат усогласеноста на понудата и побарувачката на работната сила како и мерките на формализација на бизнисите, поедноставување и дигитализација на услугите што ги нудат владините инстиуции. Развивањето на социјалниот дијалог и користењето на механизмите на јавно приватен дијалог се фактот кој што влијае исто така позитивно на решавањето на проблемот со сивата економија.
Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал. Содржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош.