„ЦИРКУЛАРНА ЕКОНОМИЈА – Развој и нови вработувања преку редизајн на производите и реупотреба на отпадот“

  Автор: Славјанка Пејчиновска – Андонова

 

Концепт на циркуларна економија 

 

Сегашниот економски систем почива на максимално искористување на ресурсите, користење на енергија и работна сила во производството на различни производи кои ќе се продадат на крајниот корисник со очекување дека корисникот по искористување на производот ќе го отстрани како отпад и ќе купи нов производ. Со депонирање на отпадот се губи вредноста на материјалите содржани во отпадот, а тоа значи потреба од нови финансиски средства, трошење на нови ресурси за производство на нови производи. Во 2012 година просечниот жител на Европа искористил 16 тони на материјали од кои само 40% се рециклирани или повторно  употребени, а во однос на вредноста на материјалите, рециклирањето и искористувањето на отпадот како енергија враќаат само 5% од вредноста на суровината.

 

За разлика од сегашниот линеарен индустриски модел земи/исцрпи природно богатство – произведи - отстрани искористен производ/отпад, концептот на циркуларна економија подразбира нов пристап кој опфаќа детално размислување за начинот на кој ги создаваме производите со цел да дизајнираме производи кои ќе можат “‘да се направат за да се создадат повторно” при тоа користејќи обновливи извори на енергија. Имајќи во предвид дека цените на ресурсите стануваат се повисоки и ќе се зголемуваат со тек на време, а од друга страна побарувачката на производи расте и тие се подостапни на купувачите, клучното прашање е дали може да се дизајнираат  производи кои можат максимално да се искористат и кои полесно и поефикасно би се одржувале со цел продолжување на нивниот животен век и помалку создавање на отпад и загадување на животната средина.

 

Истражувачката студија Како да се пронајде нов раст: Нова рамка за Европа” поентира дека воведувањето на  концептот на циркуларна економија може да генерира нето економска добивка од 1.8 трилиони евра на годишно ниво до 2030 година. Градежниот сектор на пример може да ги преполови трошоците на градење преку воведување на индустриски и модуларни процеси, пасивните куќи може да ја редуцираат потрошувачката на енергија до 90%, а трошоците за користење на возило-километар би можеле да се намалат и до 75% преку заедничко користење на возила, автоматско возење, електрични возила и користење на подобри материјали.

 

Циркуларната економија го разграничува растот и потрошувачката на ресурсот што доведува до дизајнирање на производ кој во неговиот животен век ќе обезбеди негова повторна употреба и рециклирање. За таа цел се неопходни следните предуслови:

1. производот да биде дизајниран на тој начин да по неговото користење/кога ќе стане отпад да може повторно да се употреби,

2. да се одвојат деловите од производите кои се трајни и кои се потрошни,

3. да се користи енергија од обновливи извори во производниот процес со цел намалување на зависноста од ресурси,

4. намалување или целосно елиминирање на употребата на хемикалии,

 

5. ресурсите да се задржат во индустријата и по истекот на животниот век на производот, со цел негова повторна употреба и создавање на дополнителна вредност

 

Во циркуларната економија се трансформира функцијата на ресурсот во индустријата – отпадот од една инсталација претставува скапоцена суровина за некој друг производен процес, а производите можат да бидат поправени, повторно искористени или нивните карактеристики можат да бидат подобрени наместо да бидат отфрлени како отпад. Ваквиот пристап побарува и нови бизнис модели кои преоѓаат од концептот на продажба на производи кон концептот на продажба на услуги.

 

Циркуларната економија е насочена кон заштеда на ресурси, енергија, создавање дополнителна вредност, поздрава и почиста животна средина, отворање на нови работни места, подобрување на конкурентноста на производите на пазарот и остварување зголемен профит кој води кон одржлив развој на современото општество.

 

Но, истовремено, новиот концепт на циркуларна економија подразбира и промена на однесувањето на потрошувачите кон користењето на производите, нивно рециклирање и сервисирање со цел да го продолжат животниот век на производот.

 

Моделот на циркуларна економија се заснова на долговечност, обновливост, повторна употреба, сервисирање, надградба, реновирање, делење на капацитет и дематеријализација. Овој концепт води кон социјално и еколошки балансирано одговорно општество (одговорност од тие кои произведуваат, но и тие кои користат).

 

•  Предлог-редизајн на еден производ со целосно објаснување на постапката „од отпадок до нов производ“

 

Дизајнот на производот претставува најважен аспект за негова повторна употреба и рециклирање. За да може производот кој станал отпад да се рециклира и повторно да се користи не смее да содржи опасни материи. Материјалите треба да имаат карактеристики кои овозможуваат повторна употреба и рециклажа при која не треба да изгубат на квалитетот. Уште во фазата на дизајн е потребно создавањето на отпад да се минимизира и по можност да се елиминира целосно, а иновативноста да биде присутна низ целиот животен циклус на производот.

 

Примери:

 

1. Рециклирање на мобилни телефони

 

По искористување на мобилниот телефон се врши селекција на корисните фракции од составните делови и се враќаат повторно во процес на производство на нови телефони. На овој начин ќе се постигне: намалување на потребата од металите како нови ресурси, зголемување на отпад кој ќе биде селектиран од лиценцирани компании, 80% од мобилните телефони на пазарот за 10 години ќе бидат рециклирани.

 

2. Производство на џинс од отпадна пластика

 

Холандска фирма лансира модна колекција заедно со пејачот Фарел Вилијамс (Because I am happy, happy….) направена од 33%-61% пластика собрана на плажите низ светот. Идејата е од отфрлената пластика да се произведе влакно кое би се користело во текстилната индустрија за производство на модни парчиња облека од џинс.

 

3. 100% рециклирана заштитна/работна облека

 

Животниот век на заштитната облека која се користи во здравствениот сектор или санитарните услуги изнесува околу 18 месеци и на тој начин огромна количина на заштитна облека оди на депонија. Материјалот од кој е направена оваа работна облека не може да се рециклира бидејќи е составена од полиестер и памук испреплетени меѓусебе и не можат да се одвојат. Истражувачки тимови работат на создавање на влакно од 100% рециклиран полиестер од кое би се изработувала работна облека која не само што ќе биде јака, добро ќе изгледа, достапна , но и многу важно повеќе ќе трае.

  

4. Втор живот за искористените пликоа

 

Хартијата често се рециклира без никакви дополнителни интервенции и се претвора во хартија со понизок квалитет со користење на големи количества вода.

Идеја која се реализира во пракса е трансформирање во луксузни тетратки и тефтери на употребуваните меморандуми и коверти. Компаниите исто така можат да изберат да ги користат старите коверти во форма на директно рециклирање. Во иднина преку поблиска соработка со индустријата за печатење и за обработка на хартија ќе се помогне да се спаси огромна количина на отпадна хартија која може да се искористи за репроматеријал за добивање на нов производ. Со ова ќе се постигне заштита на животната средина (од намалена количина на отпадна хартија која се депонира, намалена потреба од суровини кои би се црпеле), целосно искористување на производот и заштеда на вода и енергија.

 

5. Колоритна цигла од градежен шут

 

Истражувачките тимови имаат развиено нов производ – цигла направена од градежен и индустриски отпад која во зависност од примесите добива различна боја и изглед – црвена цигла со бели точки од стакло т.н. салама”, или карамела....Циглата содржи од 60-100% рециклирани материјали и што е многу значајно се пече на температури пониски за 200-300 степени Целзиусови (помала потрошувачка на енергија).

 

6. 100% добро кафе испиено од чаша од компост

 

Холандска компанија го  користи отпадот од шеќерна репка при добивање на шеќер за изработка на хартија која се користи за производство на чаши за кафе. Во чашите се послужува кафе, а кога истото ќе се испие треба да се стави во контејнер на компанијата која од истите после ферментација прави компост и биогас. Биогасот се користи како гориво на возилата кои разнесуваат кафе, а компостот се користи како ѓубриво на плантажи на шеќерна репка која повторно се користи за добивање на чаши ....циклусот може да биде бесконечен доколку се повеќе фирми кои продаваат кафе во чаши од отпад на шеќерна репка се вклучат во циклусот, но и потрошувачи кои ќе го порачуваат и уживаат во неговиот вкус.

 

Каква е моменталната државна поддршка во однос на основање ваков тип на компанија

 

Досегашното управување со отпадот во РМ кој 80% се депонира претставува голем потенцијал и предизвик за кој треба надлежните институции да работат и изнајдат модели како да се искористи употребната вредност на отпад кој со ваквиот досегашен пристап само дополнително ги загрозува и другите медиуми на животната средина (почва, воздух, води).

Со Националниот план за управување со отпад (2018-2024) и План за превенција од создавање на отпад кои се во подготовка РМ планира да изврши хармонизација со европското законодавство со кои ќе обезбеди:

1.     Спречување на создавање на отпад;

2.     Забрана за одлагање на отпад кој може да се рециклира (пластика, стакло, метал, хартија, биоразградлив отпад);

3.     Зголемена повторна употреба и рециклирање на комуналниот отпад;

4.     Даночни оптоварувања за несоодветно постапување со отпад

Воспоставување на регионалните центри за управување со отпадот како пристап ќе обезбеди поефикасно управување со отпадот, но воедно ќе претставува и можност за приватниот сектор да постави партнерски однос со министерството преку стопанисување со центрите што воедно ќе го зголеми и процентот на подигнат отпад и ќе претставува можност за нови работни места.

Потребна е финансиска поддршка на иновативните решенија кои доаѓаат од бизнис компании кои заедно со универзитетите и истражувачките центри работат на искористување на отпадот како суровина и/или дизајнираат нови производи со подолг животен век.

 

Потенцијал за отворање нови работни места во новоотворените индустриски капацитети за преработка на отпад

 

Со рециклирање на отпадот се обезбедуваат економски, енергетски и придобивки за животната средина.

Управувањето со отпадот во насока на циркуларната економија може да се дефинира како одржливо управување со ресурсите, бидејќи производите е потребно што подолго да бидат присутни на пазарот, а на крај на нивниот животен век повторно да се користат, поправат, преработат, надградат или рециклираат. Принцип 4R” – Repair – поправи, Reuse – повторно употреби, Remanufacture – повторно преработи/произведи, Recycle – рециклирај.

Покрај заштита на животната средина, управувањето со отпад обезбедува и отворање на нови работни места и тоаза спалување на 10 000 отпад - 1 работно место, ако се одлага на депонија – 6 работни места, ако се рециклира – 36 работни места, повторна употреба – 296 работни места.

Отпадот кој ќе се преработува во индустриските капацитети ќе произведе суровина која ќе се користи за производство на друг производ, супституирајќи ја употребата на нови ресурси и штедејќи енергија во производниот процес.

 

Блиски искуства од регионот кои може да ги имплементираме

 

Во државите од нашето опкружување сеуште овој концепт е во теоретска фаза, бидејќи најпрвин е потребно во сите држави да се промени свеста во однос на пазарот и капиталот. Клучниот фактор во циркуларната економија е воспоставување на систем за примарна селекција на отпадот и максимална искористеност на ресурсите, а во сите држави од регионот се соочуваат со проблеми да воспостават систем за управување со отпад. Овој податок е потврда дека циркуларната економија претставува амбициозен потфат кој со навремени чекори во засегнатите сектори во државите од регионот ќе стане реално спроведлив.

 

Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и  ЕПИ ЦЕНТАР ИнтернационалСодржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош. 

Сподели