Автор: г-дин Зоран Николовски, туризмолог
Во претходната анализа на тема поврзана со квалитетот и стандардите во туризмот и угостителството, на кратко беа опишани можностите и искористеноста на финансиската помош во вид на грантови, субвенции или позајмици во делот на средствата кои ги доделуваат државата и Европските пристапни фондови. Во денешнава анализа ќе истите ќе бидат презентирани и ќе бидат дадени кратки насоки за можноста за искористување на овие значајни средства за секој еден кој работи во туризмот и угостителството.
Кои се актуелните потенцијали за искористување на државна помош?
Преку Министерството за економија во моментов има отворено два повици и тоа во вид на мали грантови субвенции до 200.000 денари за Национален ресторан „Меана“ и „Субвенции за туристички цели на селски домаќинства“, со рок за аплицирање до крајот на месец септември. Повикот може да се најде на следниов линк:
Како сериозна помош која државата ги дава и за кои мерки туристичкото стопанство успеа да се избори се мерките „Субвенционирање на организираниот туристички промет“, воведена во 2010 година и се уште е во сила. Оваа мерка сериозно поттикна големи туристички агенции и турооператори како најголемиот турооператор во светот „Томас Кук“ од Белгија потоа „ТУИ“, и „Корендон“од Холандија, „Аркија“ од Израел и се повеќе заинтересираните туроопертори од Полска, кои сериозно навлегуваат во нашиот пазар како „Рего Бис“ и „Раинбоу“. Можност да аплицираат имаат странски и домашни компании, (турооператори и туристички агенции). Потребно е тие да ги исполнат основните критериуми како што се: минимална група од 10 луѓе, поврзан аранжман од сместување и превоз со минимално остварени 3 ноќевања со доручек во некој од категоризираните сместувачки објекти во нашата држава, како и посебните услови со докажување на реализираните аранжмани преку договори, фактури, изводи итн. Овие критериуми можат да се најдат на следниот линк:
Понатаму, како сериозна поддршка се покажа и субвенционирањето на нискобуџетните авио компании, кај нас тоа е примерот со „Визаир“ кој се покажа исто така многу значаен од аспект на поврзување на нашата држава со големите центри во Европа, но и можноста за искористување од страна на нашите граѓани да патуваат со евтини авио карти до крајните дестинации.
И во оваа прилика авторот го потврдува личниот став дека итно е потребно формирање на македонски иновативен фонд за туризмот и негово користење во однос на изградба, реновирање и адаптација на угостителски капацитети и подигнување на стандардите во угостителството.
Во однос на можноста за искористување на Европските фондови постојат два начина за пристап до средства. Едниот начин е искористување на фондови кои се однесуваат конкретно за државата како туристичка дестинација и оние кои не се стриктно наменети за македонскиот туризам но доколку се исполнат критериумите за аплицирање, се достапни за компаниите. Овие повици можат да се најдат на интернет страниците на Европската унија.
Достапни европски фондови
Во Македонија постојат одредени фондови од Европската Унија кои можат да се користат непосредно. Најпозната е компонентата ИПАРД и тоа како втора по ред програма за руралните средини, но за жал успешноста на искористеност на овие грантови е многу мала. Според некои показатели, само 20 % од севкупниот фонд е искористен.
Кои се критичните точки при аплицирање на оваа програма?
Апликантот мора да обезбеди однапред финансиски средства во вкупен износ на инвестицијата, а потоа да добие рефундирање на 50% од вложувањето по неговото завршување. Друг проблем е големиот број на потребни документи при апликација, како и сложеноста на изработката на проектната документација за која е потребно дополнително знаење и вештини за пишување. Подетални податоци за ИПАРД, за начинот на аплицирање и постапката за одобрување грантови може да прочитате на следниот линк.
Втората компонентата ИПА 2 за инфраструктурни проекти која е во тек, е втората и последна фаза од овој грант за која исто така не можеме да дадеме некои позитивни искуства во искористеноста на овој грант според резултатите од првиот повик. Да се надеваме дека вториот повик ќе биде многу поуспешен од првиот. Во тек се евалуациите и до крајот на месец Август се очекуваат резултатите за добиените апликации. Податоци за овој фонд, начинот и постапката за аплицирање за грантови можете да ги најдете следниот линк.
Еден од најискористените фондови е ИНТЕРЕГ прекуграничната соработка, и можноста за аплицирање на неколку партнери од Република Македонија во партнерство со соседните држави. Како најкористени фондови беа оние со Република Грција и Бугарија, а во последно време се отворија и со Албанија и Косово, а брзо се очекува и отворање на повик со Република Србија. Меѓутоа, овде е потребно да се знае дека главен апликант е одредена локална самоуправа која се наоѓа на потезите со соседните држави, а додека како партнери можат да се јават и невладините организации, образовните институции или некои помали компании, се разбира партнери од двете страни. На следниот линк ќе најдете податоци за ИНТЕРЕГ програмата помеѓу Република Македонија и Бугарија, инаку на google пребарувачот ќе ги најдете за сите останати држави на следниот линк.
Ова се оние фондови кои можеме да ги наречеме дека се директни, односно дека можат да се најдат податоци за истите да ви помогнат во некои од националните институции. Постојат голем број на други фондови кои на некој начин или се директно или индиректно наменети за туризмот но за нив повеќе податоци може да се најдат единствено на интернет пребарувачите или директно на електронската страница на ЕУ. При аплицирање за овие фондови апликантот треба да има голем потенцијал во познавање на самата материја и можноста за аплицирање на истите. Како такви ќе споменеме неколку од нив како:
ХОРИЗОНТ 2020
Програмата која претставува финансиски инструмент на ЕУ со која се поддржуваат истражувањето и иновациите, со крајна цел економски раст, креирање на нови работни места и конкурентност. Располага со буџет од над 79 милијарди евра и ќе трае од 2014 до 2020 година. Програмата има три приоритети: извонредност во науката, лидерство во индустријата и општествени предизвици. Корисници можат да бидат универзитети, истражувачки центри, лаборатории, мултинационални компании,мали и средни претпријатија, невладини организации, здруженија на граѓани, локални самоуправи и др.
Линк за подетални информации:
ПРОГРАМАТА КОСМЕ
Целна група на оваа програма се мали и средни претпријатија, претприемачи, бизнис организации за поддршка, регионални и национални администрации. Целта е зајакнување на конкурентноста и одржливоста на претпријатијата (мали и средни претпријатија) и поттикнување на претприемачка култура и промовирање на создавање и развој на мали и средни претпријатија. Располага со буџет од над 2,3 милијарди евра и ќе трае од 2014 до 2020 година. Оперативни програми на КОСМЕ се: пристап до финансии, пристап до нови пазари, подобрување на рамковни услови и промовирање на претприемништво. 60% од средствата можат да се искористат како грантови.
Линк за подетални информации:
Постојат и низа други кои не се директно наменети за туризмот па затоа како опсерваториски податоци во ова анализа не се земени но само ќе ги спомене како: Програмата „Живот +“, која се однесува на сето она што е поврзано со животната средина и нејзиното зачувување, потоа Програмата „Креативна Европа“, која се однесува на сето она што е поврзано со културата и филмот, Програмата „Европа за граѓаните“ која има за цел зголемување на граѓанското учество во сите облици на општествениот живот, поврзување на граѓаните со Европа преку разни форми на настани, збратимување на градови, поддршка на граѓански организации и мрежни поврзувања и др.
Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал. Содржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош.