Автор: проф. д-р Ордан Чукалиев
Климата ги претставува метеоролошките услови кои преовладуваат во одредена област за време на подолг временски период. Всушност, климата се дефинира преку статистичка анализа на временските услови при што се разгледуваат просечните вредности на климатските параметри (температура, врнежи, влажност, атмосферски притисок, ветер и тн.) и нивните варијации во тек на подолг временски период, најчесто последните 30 години. Во последно време се поголем акцент се става на антропогеното влијание врз климата, односно влијанието кое човекот го има врз истата. Човекот со своите активности, особено почнувајќи од индустрискиот период на развој, почнува да испушта големи количини на најразлични гасови во атмосферата, а некои од нив (гасовите предизвикувачи на ефектот на стаклена градина) го предизвикуваат глобалното затоплување и климатските промени.
Планетата се загрева и ќе продолжи да се загрева. Според глобалните климатски сценарија затоплувањето ќе продолжи со зголемен интензитет. Дури и да престане континуираното зголемување на содржината на гасовите на стаклена градина во атмосферата, планетата ќе се загрее за 0,6оС до крајот на овој век. Во зависност од сценаријата за зголемување на концентрацијата на гасовите на стаклена градина, температурата до крајот на векот ќе порасне помеѓу 2 и 6оС на глобално ниво. Значи, колку ќе се загрее планетата во наредниот период зависи исклучиво од човекот и неговата активност.
Покрај покачувањето на температурата, поради огромната количина на енергија акумулирана на копното и во водените тела, пред се океаните, атмосферата станува подинамична. Со тоа се менува варијабилноста на временските услови, односно постои можност за поголеми отстапувања од просечните вредности. Поголемата варијаблост со себе носи и екстремни временски услови (периоди на суша, мраз, поплави…). Екстремните појави ќе бидат и уште почести, поизразени, посилни и поразорни, пред се за силно ранливите сектори како што е земјоделството, кои се директно поврзани и условени од самите климатски услови. Нѐ очекува период во кој неочекуваното ќе стане очекувано. Впрочем она што пред 40-тина години го знаевме како „вечен мраз“ сега се топи, морското ниво е пораснато за повеќе од 20 сантиметри, се појавуваат периоди на суша во Северна Европа, топлотни удари во Западна Европа, проследени со поплави и пожари насекаде околу нас. И кај нас. Изминативе години видовме многу доцни пролетни мразеви, екстремно интензивни врнежи кои предизвикаа силни поројни дождови и поплави, се почеста појава на изгореници од сонцето кај културите, особено оние со западна експозиција, врнежливи лета, сушно лета, појава на нови штетници и нови болести во земјоделството.
Па како поточно влијаат климатските промени на земјоделството?
Земјоделското производство се одвива главно на отворено и е многу подложно на метеоролошките услови. Климатските промени на прв поглед носат подобри услови за земјоделското производство, Поголема концентрација на јаглероден диоксид би требало да ја интензивира фотосинтезата, да ја продолжи вегетациската сезона, зголемените активни температури да донесат можности за одгледување на нови, потоплољубиви култури и т.н. За жал ова не важи за Јужна Европа, а особено не важи за Македонија.
Според законот на минимум на Либиг, приносите се лимитирани од оној фактор на производство кој се наоѓа во минимум. Па така, македонското растително производство е лимитирано од недостигот на вода. Поради зголемените температури, испарувањето во наредниот период ќе биде поинтензивно и културите ќе бараат повеќе вода за својот раст. Од друга страна, врнежите ќе се намалат и ќе имаат уште понеповолен распоред. Значи сегашните ниски приноси дополнително ќе се намалат. Дури и со примена на мерки за адаптација кон климатските промени намалувањето на приносите е извесно, пред се поради нискиот адаптивен капацитет во државатa. Наводнувањето наизглед е оптимално решение, но постоечките системи за наводнување се димензионирани врз база на средно сушна година или со стапка на веројатност од 20%. Овие ситеми се градени според климатските услови во минатото, кога без проблем можеле да обезбедат доволно вода во 8 од 10 години. Со климатските промени оваа веројатност уште повеќе се намалува и системите ќе може да ги задоволуваат потребите се помалку и помалку. Сушата кај нас е редовна појава и производителите имаат искуство како да се справуваат со неа. Се додека може да обезбедуваат вода за наводнување.
v Сепак, главните очекувања се дека количините на вода во Македонија ќе се намалат, а потребите за вода во сите производни сектори ќе пораснат. Најверојатно земјоделството нема да може да продолжи да користи онолку вода колку што троши во моментов (преку 70% од водата се користи во земјоделството). Сето тоа ќе доведе до недостиг на вода и конфликт за вода, а земјоделското производство ја нема економската моќ да ја задржи позицијата на најголем потрошувач на вода во иднина.
Проблемот со климатските промени во земјоделството не е поврзан само со водата. Во Македонија, покрај недостиг на вода, земјоделците се соочуваат и со:
v Екстремни временски услови како поплави, суша, многу високи температури, доцни пролетни мразеви, преголема инсолација;
v Нови болести и штетници карактеристични за потоплите региони го шират својот ареал и веќе почнуваат да се појавуваат кај нас, а земјоделците не ги познаваат и не умеат да се справат со нив;
v Се почеста појава на топлотeн стрес кај земјоделските култури и појава на сончеви изгореници по плодовите, што доведува до намалување на приносите и нивниот квалитет;
v Сточарите се соочени со нови болести кои сериозно ги погодуваат нивните фарми (син јазик, јазлеса кожа), а потекнуваат од потоплите краеви и не се карактеристични за овој регион поради што и знаењето за нив е ограничено. Се претрпува и загуба во продуктивноста поради топлотен стрес кај домашните животни, намалено производство на фуражни култури и зголемување на цената на исхрана на животните.
Знаеме дека сите овие појави се дел од очекуваните последици кои климатските промени ги носат со себе. Ова до сега сме го забележале. Но климатските промени носат и други уште посериозни последици, кои засега не се забележани. Тие можеби континуирано ни се случуваат пред нас, но во сиот раскош на вечната транзиција едноставно не ги гледаме. Ниту пак можеме да ги видиме, бидејќи не располагаме со системи за мониторинг и следење за да може да се донесат заклучоци. Очекувано е намалување на плодноста на почвите поради поинтензивната загуба на органска материја, интензивирање на ерозијата поради намалена покриеност на земјиштето со вегетација и поинтензивните врнежи, забрзан раст на земјоделските култури поради зголемените температури и побрзата акумулација на активната температурна сума што ја намалува акумулацијата на биомаса кај земјоделските култуи, зголемување на аридноста, промени во временската појавата на определените фено-фази кај земјоделските култури и многу други.
Без пристап до податоци за ваквите појави многу тешко може да се развива стратегија и да се предвидат мерки за намалување на негативните последици од климатските промени во земјоделското производство во Македонија. Најпросто речено, дури и денес да започнеме со интензивни истражувања, како ќе кажеме дали и колку е намален капацитетот на почвите да примаат и задржуваат вода? Не знаеме колку беше лани, пред, 5, пред 10, пред 50 години. Едноставно, не ни е напишана домашната работа. Ќе препишеме некоја туѓа домашна работа, па ќе носиме заклучоци врз база на туѓи податоци... Сето тоа може да не одведе во несакани правци. Не знаеме што се случува кај нас. Против што треба да се бориме, како да се прилагодиме, кои се најдобрите мерки??? Без примена на јасно дефинирани мерки за адаптација кои ќе ги адресираат проблемите со ефектите на климатските промени кои се јавуваат и ќе се јавуваат во земјоделското производство во Македонија, најверојатно последиците ќе бидат многу поголеми од тоа што се очекува.
Доколку ги анализираме последните 5 години, може да се види дека во Преспанскиот регион, кој е воедно и наш најзначаен регион за производство на јаболка, се јавува силен град во јули 2014 година, мај 2018 и јули 2018, доцни пролетни мразеви во април 2016 и април 2017 година. Од 5 години во 4 се јавуваат временски услови кои сериозно го оштетуваат производството. Струмичкиот регион, како најзначаен за градинарското производство кај нас, не е поштеден од силни временски непогоди. Така во јули 2018 се јавува силно невреме, проследено со град, пороен дожд и силен ветер, кое предизвика сериозни штети врз градинарските култури. Силно невреме со силен дожд, град и грмежи ја погодува Струмица и во мај 2017, март 2016, јули 2014. Слични состојби се јавуваат и во сите останати земјоделски региони. Официјални, систематизирани и јавно достапни податоци за овие екстремни временски појави нема. Според некои податоци објавени во медиумите во 2016 година штети врз земјоделските култури имаат пријавно речиси 5.500 земјоделци од 14 општини (над 2300 од Ресен). За 2017 година штети пријавиле 17.500 земјоделци од 36 општини за 5 временски непогоди. Дури 2.355 од нив се од општина Ресен. Проценетата штета која ќе ја исплати државата е над 4 милиони евра.
Се поставува прашањето дали овие екстремни временски појави се во рамките на нормалата или се последици од климатските промени?
Одговорот се заснова на претпоставка и лично мислење на авторот, кој смета дека сите случаи на екстремни временски појави се должат на климатските промени. Зачестената појава на екстремни временски услови е дел од она што стручната литература го дава како главна последица од климатските промени. За жал никој нема направено сериозно истражување за појавата на екстремните временски услови кај нас. Незнаејќи колкава е веројатноста за нивна појава без климатските промени, како би можело да се оцени дали ова се навистина главно последици од климатските промени. Дури и ако некој е заинтересиран да изведе било какво истражување во областа на климатските промени едноставно не може да го стори тоа. Се судира со апсурд. Нема соберени и анализирани податоци, иако податоците се тука и постојат.
Во оваа држава постојат институции задолжени за следење на метеоролошките услови, за анализа на климата и со тоа за анализа на причинско - последичните појави на климатските промени. Најверојатно институциите на системот располагаат со некакви податоци, но истите не направиле никаква анализа, никаква објава, никаква информација за потребите на земјоделците и нивното прилагодување кон климатските промени. Овие институции се финансирани од Буџетот на РМ за да се грижат за метеоролошките, климатолошките, хидролошките набљудувања и за тоа да ги информираат граѓаните. Ја исполнуваат својата обврска со објавување на температура, врнежите и некои други податоци кои воопшто ништо не му значат на земјоделскиот производител.
Што значи за фармерот информацијата дека денешната температура беше 32⁰C? Што значи врнежи од 10 мм? Ништо! На производителот му треба сосема друг тип на информации. Јасна и прецизна информација, што да прави и во кој случај. Ризик од појава на болести, потреба од прскање и со кои препарати, потреба од наводнување, ризик од мраз. Уште повеќе, земјоделецот треба да добие информација која се однесува за неговата нива и неговиот насад или посев.
Информациите кои ги гледаме по медиумите, за земјоделството не значат ама баш ништо. Без нивна нализа, без нивна споредба со предходните години, без јасно таргетирани информации за почвените услови и културата која земјоделецот ја одгледува никогаш нема да имаат значење за земјоделскиот производител. Кога некој ќе се почуствува посрамен од оваа состојба и сака да го даде својот придонес кон подобрување на постоечката состојба го очекува шамар. Станува збор за остварување на монопол над хидро-метеоролошките податоци и ексклузивитет истите да ги користат само вработените во таа институција. За таа намена во 2009 година донесен е „Тарифник за висината на надоместоците на реално направените трошоци за вршење на услуги на давање хидрометеоролошки податоци и продукти од архивата на управата за хидрометеоролошки работи“, кој е објавен во Службен весник на Република Македонија број 33 од 6 март 2009 година. Со истиот се воведува цена за „изработка на табеларен преглед на термински и/или среднодневни вредности на еден метеоролошки елемент или параметар од една метеоролошка станица за 1 година“ (вкупно 365 броја) од 3040 денари. Со вклучено ДДВ цената е околу 10 денари за број.
Токму ова е најголемата пречка за научните истражувања, оперативните активности, поддршката на земјоделците и се што е поврзано со климатскитете промени. Бидејќи да се направи било какво истражување поврзано со климатските промени потребни се барем 2 климатски низа во траење од 30 години (еден низ кој е референтен за состојбата без промени и еден низ како се променило). Секој низ треба да има најмалку 7 метеоролошки елементи. Се чини дека во моментов се активни 26 станици (главни метеоролошки и климатолошки). Пресметката е едноставна 26 станици х 7 елементи х 60 години х 3040 денари и згора на сето 18% ДДВ, дава блиску до 40 милиони денари или околу 640 илјади евра. Ако ова треба да се поврзе со одредена култура треба уште неколку стотини илјади евра за да се добијат и фенолошките податоци. Се на се, приближно 1 милион евра би чинело едно вакво истражување. Некој таа сума треба да ја плати на институциите на системот за да направи едно базично истражување и да даде одговор колку ќе се намалат приносите, како климатските промени ќе влијаат на потребите за вода или колкав ќе биде ризикот од појава на доцни пролетни мразеви.
Оттука, како да се претпостави која мерка за адаптација ќе биде најефикасна?
Засега само преку претпоставки и експерименти со различни постоечки технологии. Дали ќе може да се одгледуваат нови култури? Климата се менува, станува потопло, се продолжува сезоната, сите индикатори наликуваат на суптропски услови. Ќе одгледуваме ли суптропски култури? Никој не знае. Личното мислење на авторот е дека нема. Зошто? Бидејќи ризикот од екстремните временски услови е се поголем. Досега ниту еден насад во Македонија не измрзнал поради просечните 11,5⁰С. Ниту пак ќе измрзне од идните 14,0⁰С. Мрзне поради неколку часа многу ниски температури. За жал, вакви екстремни неколку часа, сега може да очекуваме многу почесто, како што треба да очекуваме почеста појава на суша, која ќе биде и посилна и подолготрајна, а во исто време ќе има почеста појава на екстремни врнежи, кои најверојатно ќе предизвикуваат почеста појава на поплави. Сега, во овие услови, кој има храброст да препорача да се почне со одгледување на култури кои кај нас не се одгледувале, а се типични за суптропски услови, каде што нема појава на мразеви или медитерански култури, каде што марзевите се многу благи и умерени?
Доколку се зборува за одгледување на нови култури, се мисли најчесто на замена на сегашните доминантни култури со други, слични, кои се потолерантни на суша, или со поголема толерантност кон екстремните временски услови. На пример: замена на пченката со сирак, замена на луцерката со еспарзета и слично. Се говори и за примена на некои сорти со пократка вегетација, кои би созревале порано и би го избегнале најтоплиот и најсувиот период од вегетациската сезона. Никој од експертската јавност се уште не препорачал подигање на насади со банани или цитруси во Македонија. Тоа се само бомбастичните наслови во некои средства за јавно информирање. Сепак во последните дваесетина години се воведуваа некои нови култури, како маслинки во Дојран, Јапонско јаболко и калинки во Валандовско и Гевгелиско, киви во повеќе региони. Подигнатите насади засега се успешни, плодоносни и наизглед сè е во ред. Но обично овие култури се одгледувааат во внимателно избрани региони, во медитеранскиот дел на земјата или онаму каде што има поголеми водени басени (големите езера) кои ја ублажуваат екстремноста на климата.
Мерките за адаптација кон климатските промени веќе подолго време се истражуваат и промовираат од страна на повеќе експерти од земјоделската област. Фокусот најчесто е ставен на:
Заштедата на вода со примена на капково наводнување и рационална техника за определување на времето и нормата на залевање; заштитни мрежи (од град и инсолација); агротехнички мерки за конзервација на водата и почвата, мерки за намалување на ерозивноста на почвите; мерки за наголемување на содржината на органска материја; одгледување на нови култури; примена на стимулатори за раст на коренот; прскање со заштитни материи за намалување на температурата на растенијата; одржување на температурата во пластениците и објектите за чување на домашните животни; фотоволтаично наводнување и многу други мерки кои се веќе тестирани во експериментални услови.
Истите се промовирани преку показни експериментални фарми и преку низа на проекти со цел на покачување на свеста и знаењата кај земјоделските производители. И покрај многу добри ефекти на овие мерки сепак не се масовно применети пред се поради потребата од инвестиции и ниската економска моќ на македонскиот земјоделец.
Оттука се наметнува потребата од осигурувањето како мерка за намалување на загубите на земјоделските производители предизвикано од негативното влијание на климатските промени, пред се екстремните временски појави. Оваа мерка е на изглед многу поволно решение за земјоделските производители. Но тука има неколку проблеми. Пред се во случај на извозно ориентираните артикли, можна е загуба на купувачите, особено кога во неколку последователни години се јавува недостиг на производ. Осигурувањето ќе ги компензира загубите на земјоделците, но купувачите ќе мора да бараат нови извори за да ги снабдат потрошувачите со тој производ. Во таков случај се губат извозните можности, а купувачот веќе има нови партнери кои не се враќаат во ризичните, нестабилни региони. Поради тоа сепак е многу подобро да се применуваат техничките мерки за адаптација, како што се заштитните мрежи, кои ќе го сочуваат производот и постојано ќе се обезбедува количина потребна за извоз.
Вториот проблем е што државата на себе ја презема улогата на осигурителна компанија, преку обештетување на штетите настанати од разните непогоди. Имено, член 99 од Законот за земјоделство и рурален развој (Сл. Весник на Р. Македонија, бр.49/10 од 12.04.2010 година) предвидува помош за загуби предизвикани од природни непогоди и неповолни климатски настани. Дефинирана е помош за загубите на земјоделски растенија и животни на земјоделски имот, но најмногу до 60% од предизвиканата штета (до 80% за областите со природни ограничувања.). Со измените на овој закон објавени во Сл. Весник на Р. Македонија, бр.83 од 20.05.2015 година, се проширува опфатот и висината на обештетувањето. Така што со овие измени се предвидува обештетување до 100% од штетата. Покрај тоа се додава и член 99а со кој се вклучуваат и оние земјоделски стопанства кои не се регистрирани во единствениот регистер на земјоделски производители. Па кој во овие услови би побарал осигурување на своето стопанство, кога за истото е предвидено е да плаќа државата? Можеби поддршката на земјоделците е умна работа, но во овој случај можеби е навистина малку претерано.
После сето кажано може да заклучиме дека климатските промени се неминовен факт и дека нивните последици веќе се чувствуваат секојдневно и насекаде, но можеби најсилно во земјоделскиот сектор.
Република Македонија не е исклучена од влијанието на климатските промени и во државата се забележани низа на појави кои може да се поврзат со климатските промени. Во недостиг на сериозни истражувања и анализи, кои не се направени пред се поради недостапноста на податоците потребни за нивно изведување, има обиди за пренос на некои светски сознанија, но само од поединци, кои ја чуствуваат одговорноста дека нешто мора се направи. Институциите на системот не само што не преземаат соодветни мерки и активности за адресирање на проблемот на климатските промени, туку се и најголемата пречка за развој на научните сознанија и истражувања во оваа област.
Уште повеќе, сериозниот недостиг на податоци и информации за климатските промени кај нас го оневозможува и изборот на соодветни техники на адаптација кон нив. Наместо да се покачи јавната свест, да се зголеми нивото на знаење, да се овозможи пристап до сите јавни податоци и инфомации и да се изнајдат начини за успешен трансфер на соодветните техники на адаптација и информации за поддршка на процесот на донесување на одлуки, одбран е сосема друг правец.
Кај земјоделските производители се уште не е всадено чувството дека климатските промени навистина се случуваат и дека сите сме одговорни за последиците и заштитата преку примена на соодветни адаптивни мерки, односно прилагодување на активностите кон постоечките услови. Од друга страна државната поддршка којашто се нуди не овозможува инвестиции во наука, истражување и превентивни мерки, туку се заснова на лечење на последици, наместо на причинители. На крајот на денот, храна и онака на големо увезуваме. Со вакво темпо ќе увезуваме и во иднина.
Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал. Содржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош.