Скалесто субвенционирање на земјоделското производство

   Автор: г-дин Драгослав Коцевски

  

Република Македонија има дефинирана цел да стане членка на ЕУ и за таа цел македонската земјоделска политика треба да се усогласи со целта на Заедничката Земјоделска Политика - ЗЗП (CAP) на ЕУ. Целта е поголемо и поефикасно земјоделско производство во услови во кои стопанисува нашиот агро сектор. Една од главните цели на ЗЗП на ЕУ е намалување на администрацијата за реализација на програмите за директна финансиска поддршка.

Програмите за директна финансиска поддршка на земјоделството (Програми за субвенционирање) на Р. Македонија се мерки и инструменти насочени кон постигање на поголемо и поефикасно земјоделско производство. Мерките и инструментите некогаш се долгорочни а некогаш краткорочни.

 

Новите мерки на субвенционирање во ЕУ водат сметка за:

1.   Комплицираноста/едноставноста на административните процедури за реализација на мерките (олеснета исплата на голем број мали износи на субвенции).

2.  Правична распределба на субвенциите меѓу корисниците (големи, средни и мали стопанства –корисници или  фармерии) или поточно ограничување или намалување на субвенциите кои ги добиваат големите стопанства. Целта е да се избегне доделување големи суми на субвенции на мал број големи стопанства. Земјите членки на ЕУ треба најмалку за 5% да ја намалат сумата на субвенциите на големите стопанства воколку вкупниот износ надмине 150 000 ЕУР.

 

Забрането и казниво е на вештачки (административен) начин да се прави поделба, расцепкување или намалување на стопанството на помали единици за помалите делови да добијат повисоки износи на субвенции.

Вакво расцепкување на големите стопанства, се случува во Р. Македонија за да се добијат поголеми суми на субвенции односно избегнат големите намалувања на износите на субвенциите за „големите стопанства“. Ова е спротивно со стратегиските цели за консолидација и окрупнување на земјоделското земјиште и реструктурирање на земјоделските стопанства односно зголемување на производство и преминувањето од пониско (мало стопанство)  во повисоко (поголемо стопанство) заради зголемување на ефикасноста на производството.

 

Kорисниците на мерките за субвенционирање во земјоделството (фармерите) во ЕУ и Р. Македонија би сакале политика на долгорочни, стабилни, високи субвенции. Ваквата политика поттикнува нови инвестиции за зголемено, ефикасно производство или отпочнување на нов бизнис во агросекторот.

 

Субвенции во Р. Македонија

 

Македонскиот модел за субвенционирање го следи моделот на субвенционирање во ЕУ. Околу 74% од вкупната финансиска поддршка обезбедена од државата за земјоделството и руралниот развој е наменето за субвенции. Со Законот за земјоделство и рурален развој (ЗЗРЗ) за периодот 2017-2020 година се предвидуваат нови и дополнување на постоечките субвенции преку дополнителни директни плаќања од 20% за зголемување на земјоделските површини и 10% на основното стадо. Зголемувањето на субвенциите за поразвојните категории на земјоделски стопанства треба да обезбеди стимулирање на помалите земјоделски стопанства за тие да преминат во поголеми стопанства. Разлика во субвенционирањето за земјоделските стопанства според големината е со намера зголемени субвенции да добијат стопанствата кои сакаат да растат со што ќе се  реструктуира секторот земјоделство. Така како приоритетни за политиката се дефинирани стопанствата со минимални капацитети од втора група (капацитети со големина над 1ха до 3ха за овоштарство и лозарство, над 5ха до10 ха за жита и добиточна храна, над 1ха до 3ха за фуражни култури, од 101 до 300 грла овци, од 11 до 25 грла кози, од 6 до 10 грла маторици, од 5 до 10 грла крави и од 31 до 40 гојни јунци) и максимални капацитети од трета група (капацитети со големина над 3ха до5 ха за овоштарство, над 3ха до 10ха за лозарство, над 10ха до 50ха за жита и добиточна храна, над 3ха до 8ха за фуражни култури, од 301 до 500 грла овци, од 26 до 50 грла кози, од 11 до 50 грла маторици, од 11 до 20 грла крави и над 40 гојни јунци).

Предвидените субвенции се поделени на:

-субвенции за растително производство,

a)      основни субвенции и

b)     дополнителни субвенции кои се надополнување на субвенции

-субвенции за сточарско производство и

a)      основни субвенции и

b)     дополнителни субвенции кои се надополнување на субвенции

-субвенции за поддршка на променливи влезни елементи во земјоделското производство.

Дополнителните субвенции се шеми на директни плаќања кои се надополнување на износот на основните субвенции (како процент од основните субвенции или апсолутен износ на средства) и се доделуваат заради насочување на производителите кон производство на поголеми површини.

Субвенционирање по единица површина како најзастапена форма на субвенционирање се прави за да се уедначи износот на субвенции за поголеми групи на култури на ниво на подсектор. За оваа цел се оформуваат уедначени субвенции различни за главните три групи на култури и тоа: поледелски култури, постојани насади и градинарски култури. Ова се прави за подоцна да се направи целосно изедначување на субвенциите по единица површина земјоделско земјиште без разлика која култура се одгледува во моментот на пристапување во ЕУ. Субвенционирањето се реализира со намалување на износот на субвенцијата при зголемување на пријавените капацитети за субвенционирање. и воведување на максимален износ по корисник во висина од 300.000 евра;

 

Линк за подетални информации:

http://www.ipardpa.gov.mk/Root/mak/default_mak.asp

 

Субвенции во земјите членки на ЕУ

 

Основа за субвенционирањето во ЕУ е регулативата 1307 (REGULATION (EU) No 1307/2013 OF THE EUROPEAN PARLIAMENT AND OF THE COUNCIL) во која се дефинирани два типа на можни правила за субвенционирање за секоја од земјите членки на ЕУ:

-        правилата за задолжителните шеми за субвенционирање во која спаѓаат:

                                           i.      шема на исплата по поединечен посед / базична шема за субвенционирање - single area payment scheme/basic payment scheme (SAPS/BPS) и

                                            ii.     субвенции за млади фармери – (payment for young farmers)  (YFP) 

-        правилата за доброволните шеми за директни плаќања  во која спаѓаат:

                                            i.          прераспределено субвенционирање (redistributive payment);

                                      ii.          субвенционирање во подрачја со природни ограничувања - natural constraints payment (ANC);

                                        iii.          субвенционирања поврзани со производството -  voluntary coupled support (VCS) и 

                                            iv.          поедноставена, таканаречена Подршка за Мали Фармери (Small Farmers Scheme - SFS)  

 

Намалување на субвенциите во ЕУ се применува единствено на базичните директни плаќања (Basic Payment Scheme - BPS или Single Area Payment Scheme - SAPS).

Минималното намалување на субвенциите за земјите членки на ЕУ е 5% воколку сумата која треба да му се исплати на фармерот надминува 150 000 EUR. Секоја земја членка на ЕУ прави сопствен избор на процентот на намалување. Намалувањето може да е повисоко или пониско. Можно е и 100% намалување на субвенциите над одредена сума. Истовремено можна е примена и на скалесто субвенционирање за различни суми (скалесто намалување на субвенциите) на субвенции а трошоците за платите во стопанството да бидат дел од пресметките.

15 земји членки на ЕУ применуваат само минимална намалување од 5% за суми кои надминуваат 150 000 EUR и тоа: CZ, DK, EE, ES, CY, LV, LU, MT, NL, PT, SI, SK, FI, SE и UK-Англија.

9 земји членки на ЕУ применуваат 100% редукција на сумата над одредена сума која може да биде од 150 000 до 600 000 EUR и тоа:

-        (BE/Фландрија, IE, EL, AT, PL, UK/Северна Ирска - EUR 150 000);

-        (HU - EUR176 000);

-        (UK/Велс и BG - EUR 300 000);

-        (IT - EUR 500 000), и

-        UK/Шкотска- EUR 600 000.

Четири земји членки на ЕУ применуваат и некакво скалесто субвенционирање (% на скалесто намалување на субвенциите над одредена сума):

-        BG, IT, HU UK-Шкотска и UK-Велс.

Република Македонија, треба да размисли во насока на промена на применетиот модел на скалесто намалување на субвенциите во зависност од големината на земјоделското стопанство односно остварениот обем на производство.

Реструктурирањето на земјоделските стопанства од аспект на обемот (големината) на реализираното производство на единица земјоделско стопанство и преминувањето од помало во поголемо стопанство или обем на производство и моделот за скалесто намалување на субвенциите во зависност од големината на земјоделското стопанство односно остварениот обем на производство  се меѓусебно спротивставени.

Скалестото намалување на субвенциите кај поголемите стопанства има контрапродуктивен ефект и доведува до вештачка (административна) поделба (цепкање) на поголемите стопанства во помали единици за да се добијат повисоки субвенции.

Намалувањето на субвенциите,  во ЕУ е поставена на минимално ниво од 5%, а во Р. Македонија е поставена на скалест модел (ова е само еден од скалестите нивоа уредени со Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања):

-        40% од субвенциите(за големина10.1-40ха),

-        70% од субвенциите (за големина 40.1-60ха) и

-        90% од субвенциите (за големина над 60ха)

Ова значи дека иако во сите стратешки определби на изготвените документи – стратегии за развој на земјоделството, окрупнувањето (зголемувањето) на стопанството односно обемот на земјоделското производство се посочува како највисок приоритет и двигател кон попрофитабилно, поекономично и поефикасно производство, субвенциите процентуелно се намалуваат со зголемување на стопанството односно обемот на производството.

Програмираното скалесто намалување на субвенциите во нашите годишни програми за финанска поддршка, односно Уредбите за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за секоја од годишните програми треба да се променат.

Намалено ниво на висината на намалувањето на субвенциите за оние земјоделски стопанства кои заради својата големина односно својот обем на производство во моментот остваруваат право на субвенции во висина од 10% од пропишаните субвенции, би требало да овозможи тие да добиваат најмалку 20% од пропишаните субвенции за таа мерка, земјоделските стопанства кои заради својата големина односно својот обем на производство во моментот остваруваат право на субвенции во висина од 30% од пропишаните субвенции, би овозможило тие да добиваат најмалку 40% од пропишаните субвенции и оние земјоделски стопанства кои заради својата големина односно својот обем на производство во моментот остваруваат право на субвенции во висина од 60% од пропишаните субвенции за таа мерка, би овозможило тие да добиваат најмалку 80% од пропишаните субвенции.

Сумата на трошоците за плати или во најмала мера придонеси на големите корисници треба да се земе предвид односно изземе при пресметувањето на висината на максималната сума за субвенции по корисник.

 

Линк за подетални информации: https://ec.europa.eu/agriculture/sites/agriculture/files/direct-support/direct-payments/docs/direct-paymenst-financial-mechanisms_en.pdf

 

 

Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и  ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал. Содржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош.

 

Сподели