ЗАКОН ЗА СЕМЕНСКИ И САДЕН МАТЕРИЈАЛ ЗА ЗЕМЈОДЕЛСКИ РАСТЕНИЈА: ДОКУМЕНТ ВО ИНТЕРЕС НА СТОПАНСТВОТО? 21.12.2018

 Автор: Проф. д-р Дане Бошев

 

Како да се подобри Законот за семенски и саден материјал?


За поголема конкурентност на производителите и трговците на семенски и саден материјал потребни се измени на законските решенија кои ќе овозможат поголема ефикасност, намалување на трошоците и јасност во законските одредби и подзаконските акти, како и прецизно толкување и спроведување од страна на надлежните органи.

 

Затоа стопанствениците се на став дека е потребна изработка на комплетно нов ЗССМ, кој ќе биде краток, јасен, лесно спроведлив и без можности за различни толкувања. Но, истовремено имајќи ги во предвид фактите дека последна измена на ЗССМ е направена во мај 2018, а во ноември 2018 на барање на бизнис заедницата се доставени предлог-измени на Правилниците кои се поврзани со најновиот ЗССМ и усогласувани со ЕУ регулативите, како и тоа дека направените измени суштински не го олеснуваат работењето во оваа сфера, бизнис заедницата предложи минимални измени на одредени членови, кои се најгорливи точки во тековното работење.

 

Овие измени главно се однесуваат на препакувањето на семенски и саден материјал, одложување на ДУС тестирањето до влезот Република Македонија во ЕУ, ублажување на казнените одредби кои делуваат рестриктивно и ограничувачки, подобрување на цената на етикетите, потоа изедначување на условите за трговија со семенски и саден материјал од сите земјоделски растенија и регулирање на листа на слободни сорти.

 

Предлог решенијата се препорачува да бидат прифатени, бидејќи со ниту еден дел не влијаат негативно на законското работење, туку само ја релаксираат состојбата. Особено треба да се напомене дека предлозите имаат основа и биле имплементирани во претходните верзии на ЗССМ.

 

Во растителното производство постојат повеќе фактори кои го диктираат приносот и квалитетот на примарните производи. Покрај почвените и климатските услови, соодветната агротехника, квалитетната механизација и навремените активности, еден од најважните фактори е правилниот избор на сортите и користењето на сертифициран семенски и саден материјал (ССМ). Всушност, употребата на квалитетен ССМ, е предусловот за постигнување максимални приноси и квалитет, преку експресија на гените кои се вградени во ДНК на секое семе, расад или садница.

 

Бидејќи оваа проблематика е исклучително важна, Република Македонија ги има вградено сите значајни точки, поими и регулативи во еден основен документ, т.е. Закон за семе и саден материјал за земјоделски растенија како основен документ, заедно со останатите подзаконски акти во форма на Правилници, кои ако се подобрат ќе влијаат многу поволно на бизнис климата.

 

Ако се изземе првиот Закон од 2000 година (41/2000), којшто има претрпено големи измени, може да се каже дека првата помодерна форма на овој Закон, која во голем обем била во согласност со Европските Регулативи за оваа проблематика, е публикувана под број 39/2006, на 30.03.2006 година.

 

Првиот впечаток за оваа форма на Законот е дека е доста гломазен, но од друга страна се водело сметка за запазување на Европските Регулативи, кои биле актуелни во тоа време. Иако самата форма е доста обемна, од 2006 до 2018 година се направени десет дополнителни измени, кои за жал не само што не го олесниле толкувањето на членовите, туку дополнително се направени измени, кои најблаго речено се нејасни и збунувачки. За извесен дел од измените може да се каже дека се од реални причини поради усогласување со изменетите ЕУ регулативи, или поради реални проблеми во работата на фармерите и стопанствениците кои се поврзани со оваа проблематика.

 

Бидејќи со измените на одредени членови дополнително се има искомпликувано работењето во оваа област, стопанствениците често пати имаат трпено штети, поради слободното толкување на ЗССМ од страна на Управата за семе и саден материјал (УССМ), која е носител на оваа проблематика, како и поради стриктното придржување кон законските одредби од страна на инспекторите од Државниот Инспекторат за Земјоделие (ДИЗ).

 

Основа, историјат, проблем и образложение за предложените измени

 

Препакување на семенски и саден материјал: чл. 8 ст.10 и ст.11 и чл. 24а

 

Предлогот за измена на чл.8 ст. 10 и 11,, како и чл.24а ја црпи основата од веќе постоечки ставови во ЗССМ 39/2006, 89/2008, 171/2010, 53/2011, 69/2013, со кои е овозможено препакување на семенски и саден материјал од поголеми во помали пакувања. Членот 24а во кој се предлага враќање на препакувањето, всушност постоел како чл.24 и е изменет со измените 187/2013, а апсурдот да биде поголем, измените на чл.8 ст.10 и ст.11 се изменети дури со најновите измени во 83/2018.

 

Доколку се дозволи да се врати можноста за препакување, се очекува да се влијае на намалување на трошоците на снабдувачите, и подобрување на нивната конкурентност на пазарот. Секако предложените измени предвидуваат целосна контрола од државните органи, со цел да се елиминираат потенцијални злоупотреби и истото е објаснето во предлог-измената со додавање на чл.24а.

 

Дополнителен момент со кој се оправдуваат овие измени е дека многу поопасни материи, односно пестицидите, со Законот за здравје на растенија се дозволени да се препакуваат од поголеми во помали пакувања!!!

 

ДУС тестирање: чл. 37, 40, 48 и 50

 

Предлогот за измените во овие членови се од причина што е оставено слободно толкување на УССМ во однос на ДУС тестот. Имено, во сите Закони од 39/2006 до последниот ЗССМ 83/2018, јасно стои во чл. 36 ст.1, дека пријавување на нова сорта се поднесува до УССМ, а во чл. 40 ст.5, дека испитувањата за ДУС се вршат од страна на овластени лица согласно чл. 59 и 60. Со самото тоа, при пријавување на сорта до УССМ, истата ја спроведува понатамошната постапка, освен во случај, ако сортата претходно била испитувана за ДУС во некоја од државите членки на ЕУ (чл.40 ст.3).

 

Бидејќи УССМ е таа која раководи со сите работи од овој Закон (чл.57 и 58), и воедно согласно чл.59 и 60 ги дава овластувањата на овластени лица (факултети, институти, лаборатории...), истата е одговорна за комплетните испитувања, вклучувајќи го и ДУС тестирањето. Но, за жал, поради низа недоречености, УССМ го толкува овој став (чл.40 ст.3), како обврска на пријавувачот на сортата да обезбеди ДУС тест!

 

Како што беше погоре напоменато Р. Македонија настојува да го зголеми домашното производство на семенски и саден материјал, особено со домашни сорти. Но, со несигурниот став на УССМ по ова прашање, само се комплицираа признавањата на домашните сорти и постои опасност да поголем дел од домашни или интродуирани сорти бидат избришани од Националната сортна листа, само поради неажурноста и слободното толкување на законските прописи од страна на УССМ.

 

Дополнителен доказ за конфузноста на повеќе одлуки, се континуираните пролонгирања на обврските да се обезбеди ДУС тест од селекционерите, кои се евидентирани во завршните и преодни одредби на ЗССМ 39/2006, 171/2010 и 83/2018. Во 39/2006 е даден рок за обезбедување ДУС тест од 3 години, во 171/2010 за 5 години, а во 83/2018 за дополнителни 3 години.

 

Во суштина, УССМ како одговорна за проблематиката околу семенскиот и садниот материјал,  требаше да обезбеди домашно овластено лице уште од 2006 година и овој проблем немаше да се провлекува. Дури како опција постоеше УССМ како одговорна за ДУС тестот да направи соработка со некоја странска акредитирана институција, и сите сорти да беа таму испитани. Но, УССМ одбра да ја префрли одговорноста кај стопанствениците. Дополнителен доказ за избегнување на сопствената одговорност е бришењето на последниот дел од реченицата во чл.40 ст.3, која кажува дека УССМ може сама да ги обезбеди податоците доколку е направен ДУС тест во друга институција. Со бришење на овој дел од реченицата, одговорноста се префрла само на стопанствениците (селекционерите).

 

Во суштина, барањето на Коморите се однесува на тоа да обврските за ДУС тест, кои досега се повеќекратно проблематизирани, се одложат до влегувањето на Р. Македонија во ЕУ, од кога официјално ќе важи оваа обврска за домашните стопанственици. Сегашната ситуација само ја отежнува работата на стопанствениците, а обврските се валидни за идно неопределено време.

 

Казнени одредби: чл65а, 66, 66а и 67

 

Предлозите за горенаведените членови се доставени само со цел да се намалат глобите, кои поради својата несоодветна висина и поради многу недефинирани членови во актуелниот ЗССМ, можат да доведат до намалување на ликвидноста, или во најлош случај, до прекин на работата на многу стопанства.

 

Цена на етикетите: чл.23 ст.4

 

Барањето за измена на цените на етикетите е поради тоа што стопанствениците сметаат дека цените се превисоки, а истовремено, доставата на етикетите за ССМ, често пати касни.

  

Kратенки и поими:

 

ЗССМ – Закон за Семе и Саден Материјал. Закон во кој се уредува производството, трговијата, увозот и извозот на семенски материјал, саден материјал и материјал за размножување на земјоделски растенија.

УССМ– Управа за Семе и Саден Материјал. Орган во состав на МЗШВ, кој раководи и работи според ЗССМ и соодветните правилници.

ССМ – СертифициранСеменски/Саден Материјал. Семенски/саден материјал кој има поминато процес на стручно следење на потеклото, производството и квалитетот и доколку ги исполнува условите за квалитет е обележан со соодветна етикета.

ДИЗ – Државен Инспекторат за Земјоделие. Орган кој се грижи за спроведување на ЗССМ и Законите и Правилниците поврзани со овој закон.

ДНК – ДезоксирибоНуклеинскаКиселина. Носител на наследните особини кај живите форми.

ДУС тест – Distinctness Uniformity Stability (Различност Воедначеност Стабилност). Тест за одредување на нова сорта дали истата се разликува од други познати сорти, дали е воедначена и дали е стабилна во однос на генетските особини.

 

Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и  ЕПИ ЦЕНТАР ИнтернационалСодржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош. 

Повеќе

Кои се најголемите пречки за флексибилноста на пазарот на труд во Македонија? 20.12.2018

Автор: Кирил Миновски

 

Движењата на пазарот на труд имаат клучно значење за економскиот развој. Движењата на пазарот на трудот во Република Македонија во изминативе 27 години, укажуваат на постоење на структурни проблеми на економијата и неусогласеност помеѓу понудата и побарувачката што претставува еден од најсериозните ограничувачки фактори за економскиот развој на земјата.


Анализата на понудата на работната сила покажува дека постои недоволна понуда на  квалитетни работни места што за последица има ниска стапка на економската активност на работна сила, ниска стапка на вработеност и висока стапка на невработеност. Тоа значи дека економијата не е способна да креира доволно работни места кои ќе обезбедат економски раст и развој, вработеност на популацијата и повисок животен стандард.

 

Графикон 1- Стапка на активност во Република Македонија (2006-2017 година)

Извор: Државен завод за статистика

 

Историските податоци за трендот на движење на стапката на активност во Република Македонија покажуваат дека истата се движела во распонот помеѓу 55,1% и 57,3%. Во 2017 година истата изнесувала 56,8 %, додека стапката на активност во ЕУ28 во 2015 година изнесувала 72,5%, што покажува дека голем дел од населението е неактивно. За да се активира поголем дел од работоспособното население неопходна е комбинација од структурни реформи и соодветни политики за активирање на работната сила.

 

Графикон 2 - Стапка на вработеност во Република Македонија (2006-2017)

Извор: Државен завод за статистика

 

Историскиот тренд на стапката на вработеност покажува дека таа бележи тренд на пораст за временскиот период 2006 -2017 година. Сепак, споредено со податоците во ЕУ во јануари 2017 каде што истата изнесувала 71,7%, стапката на вработеност во Република Македонија во 2017 година, изнесувала скромни 44,1% што повторно укажува на сериозни проблеми во функционирањето на пазарот на труд во Република Македонија во однос на европските пазари на труд.

 

Доколку се анализираат податоците за трендовите на движење на стапката на невработеност ќе се види дека во временскиот период 2006 до 2017 година невработеноста бележи опаѓачки тренд. Сепак, и во случајот на невработеноста споредено со невработеноста во ЕУ постојат големи отстапувања, во 2017 година невработеноста во еврозоната изнесувала 8,2% додека во Република Македонија 22,4 %, што е речиси три пати повеќе.

 Графикон 3 - Стапка на невработеност во Република Македонија 2006 -2017 година

Извор: Државен завод за статистика

 

Посебно сензитивно прашање при анализа на стапката на невработеноста е прашањето на долгорочна невработеност, која што ги опфаќа лицата кои што се невработени подолго од една година. Иако стапката на долгорочната невработеност во Република Македонија се намалува што е позитивно за состојбата на пазарот на труд (во 2017 година изнесувала 17,4%), самиот факт што таа е речиси четири пати повисока од онаа во еврозоната (во 2017 година изнесувала 4,1 %) укажува за сериозна неусогласеност помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд и постоењето на сериозни структурни проблеми во начинот на функционирање на економијата. Не само стапката, туку и структурното учество на долгорочната невработеност укажува на долгорочните проблеми на пазарот на труд особено на страната на побарувачката што бара подлабоко испитување на причините и карактерот на оваа невработеност.

 

Табела 1 - Стапка на долгорочна невработеност 2011 – 2017 година

                                                   

Извор: Државен завод за статистика

 

Со понатамошна анализа на структурата на невработените лица ќе се увиди дека посебен проблем претставува и високата стапка на невработеност кај младите лица до 35 годишна возраст, чија што стапка на невработеност во 2017 година изнесувала 53,6%, додека невработеноста на возрасните лица над 55 годишна возраст изнесувала 10,17%.

 

Доколку се анализира образовната структура на невработените се доаѓа до податок дека само 20,88 % се со више и високо образование, што укажува на крајно неповолна структура на невработената работна сила, која што претставува сериозен проблем за економскиот раст.

 

На страната на понудата на работната сила се забележува зголемена побарувачка во преработувачката индустрија каде се отворени нови 2,423 работни места, трговија на големо и мало 1,828 места, административни и помошни услужни работни дејности 779 работни места и во објекти за сместување и сервисни дејности за храна 666 работни места. Согласно степенот на образование лицата кои што се бараат се најчесто со средно или ниско ниво на образование и вештини. Како резултат на негативното миграциско салдо на Република Македонија се поевидентен е недостатокот на определени профили на кадри кои што најчесто мигрираат во поразвиените економии (медицински персонал, ИТ експерти, стручни лица и научници, техничари и сл). Миграциите стануваат сериозен проблем кои што ја менуваат понудата на работна сила и ја зголемуваат неусогласеноста со побарувачката на работна сила.

 

Табела 2 - Слободни работни места според занимања, по тримесечја

Извор: добиено со обработка на податоци од статистичката база на Државен завод за статистика (https://stat.gov.mk)(accessed on 20 October 2018)

 

Податоците за временскиот интервал од 2013 до 2018 година, покажуваат дека се забележува континуиран тренд на зголемена побарувачка на определен вид на кадри што е рефлексија на состојбите и трендовите во економијата. Имено континуираното зголемување на побарувачката на техничари и сродни занимања, работници во услужните дејности и трговијата, како и на работниците со елементарни знаења, укажува на раст на потребите на преработувачката индустрија, угостителството и трговијата, од една страна, а од друга страна на недоволната понуда на работна сила како резултат на неатрактивноста на овие занимања, немањето на доволно работна сила како резултат на несоодветното планирање на образовни програми или на миграциски движења. Од тие причини неопходно е при креирањето на економските политики, да се имаа во предвид демографските трендови и политиките во сферата на формалното и неформалното образование. 

 

Трендовите на движењата на понудата и побарувачката во Република Македонија укажуваат на тоа дека прашањето на флексибилноста на пазарот на труд односно прашањето на  усогласеноста на понудата и побарувачката на работна сила е едно од клучните од кое што зависи севкупниот раст и развој на економијата.

 

Клучните фактори кои што влијаат на флексибилноста на пазарот на трудот се:

-           мобилноста на трудот

-           миграцијата на работната сила

-           флексибилноста на платите

-           колективните договори

-           вештини и квалификациите на работната сила

-           бариерите за влез и излез на работната сила

-           можноста за вработување и отпуштање на работна сила

-           информации за пазарот на трудот

-           флексибилни можности за вработување

 

Во контекст на најавите за промени во работното законодавство треба да се има во предвид дека клучното прашање за компаниите во Република Македонија е прашањето на степенот на ригидноста на работното законодавство, како фактор кој што може да ја ограничи слободата на компаниите за прераспределување на работната сила, што пак е суштествено прашање за растот на конкурентноста на компанијата, градење на здрави работни односи и зголемување на продуктивноста на трудот.

 

Не случајно еден од главните индикаторите за следењето на промените во деловното опкружување на Светската банка, согласно „Doing Business“ рангирањето, се фокусира на начинот на кој што работното законодавство ги третира прашањата на вработување на работна сила, работното време и отпуштањето од работа. 

 

Клучните правци на делување во насока на зголемување на флексибилноста на пазарот на труд и поттикнувањето на економскиот раст и развој во следниот временски период може да се класифицираат во неколку сегменти:

 

Унапредување на деловното опкружување на Република Македонија – Република Македонија покажа забележителен напредок во реформите на деловното опкружување во изминатата деценија, олеснувањето на постапките на отпочнување и водење бизнис, правната и регулаторната предвидливост, поедноставните административни процедури и подобрување на квалитетот на институциите (заштита на имотните права, правните системи и здравствената заштита), создаваат услови приватниот сектор да се фокусира на развојот на бизнисот, намалувањето на трошоците за водење на бизнис и на неговата профитабилност што има повратно поволно влијание врз вработувањето од аспект на отварањето на работните места и унапредување на вештините на работната сила.

 

Во оваа насока од посебно значење е воведување на е-администрацијаи т.н. cloud услуги во јавната администрација, кои што ќе придонесат за елиминирање на бариерите, зголемување на транспарентноста на работењето на државните инситуции, ре-инжинеринг на деловните процеси и креирање на можности за отварање на нови компании во оваа сфера. На овој начин ќе се создадат услови на технолошки скок од аспект на имплементацијата на нови технологии, ќе се воведат нови услуги и ќе се намали бирократијата.

 

Поттикнување на инвестициите – инвестициите се суштествени за создавање на услови за забрзан економски раст и развој и повисока стапка на раст на БДП. Во таа насока неопходно е да се создадат услови за подобрување на инвестициската клима и зголемување на нивото на капиталните инвестиции во транспортната, енергетската, здравствената, образовната и комуналната инфраструктура кои што ќе ја поттикнат економската активност и ќе го зголемат растот. Посебно значајно е да се продолжи со напорите за привлекување на странските директни инвеститори, изнаоѓање на начини за вклучување на домашните компании во синџирот на добавувачи на странските компании со цел да се мултиплицира нивното влијание врз домашната економија, стимулирање на домашните компании да инвестираат во нови технологии, нови производи и интернационализацијата на нивните бизниси. Зголемувањето на инвестициите на директен начин влијае врз економскиот раст и зголемување на побарувачката на пазарот на труд.

 

Зголемувањето на конкурентоста е неопходно за да се исполни основниот критериум создавање на функционална пазарна економија како главен услов за интеграција на Македонија во ЕУ. Во оваа насока неопходни се мерки кои што ќе придонесат за промоција на истражување и развој на домашни научно истражувачки институции во соработка со странски компании и научно истражувачки центри, обезбедување на услови за привлекување на странски инвестиции во областа на истражување и развој, креирање на програми за менторство на домашните компании во насока на унепредување на ефикасноста на нивното работење и деловните процеси, интернационализација на бизнисите и вклучување во глобалните вредносни ланци. Конкурентноста на домашните компании на директен начин влијае врз економскот раст и состојбата на пазарот на труд од аспект на побарувачката за работна сила и структурата на работната сила.

 

Во делот на мерки за поттикнување на конкуреноста посебно значење има креирање на нова Индустриска политика која што ќе биде насочена кон имплеметацијата на придобивките од новата индустриска револуција најчесто наречена Индустриска револуција (IR) 4.0 која е условена од растот на технологијата, влијанието на климатските промени и променливиот карактер на производството и вработувањето.

 

Пристап до финансии зголемување на достапноста на финансиските услуги (особено за мали, но продуктивни фирми) преку обезбедување на евтини кредити и користење на алтернативни форми на финансирање (Equity фондови) кој што ќе имаат за цел: Развој на нови Финтек компании кои што ќе имаат за цел да ги комбинираат аспектите на достапноста на финансиските улуги и користењето на новите технологии, воведување на посебен јавно приватен фонд за поттикнување на конкурентноста, креирање на нови комании преку иницијална емисија на акции врз принципи на јавно приватно партнерство во сферата на ИКТ технологиите, истражување и развој, обновливи извори за енергија и здрава животна средина.

 

Мерки за зголемување на продуктивност - со цел да се обезбедат повисоки стапки на економски раст и да се фати приклучок со земјите членки на ЕУ, неоходно е да се елиминираат структурните и институционалните пречки кои го спречуваат ефикасното користење на достапните технологии или кои доведуваат до неефикасна алокација на ресурсите. Продуктивноста обезбедува поефикасна распределба на ресурсите во фирмите, при што фирмите со повисока продуктивност имаат повеќе ресурси. На тој начин продуктивноста на фирмата го зголемува нејзиниот удел во вработувањето во одредена индустрија и на ниво на економијата како целина.

 

Мерки на страна на понудата на пазарот на труд. На страната на понудата на работна сила, постои потреба за зајакнување на политиките за вработување и ефективноста на посредувањето на пазарот на трудот. Неопходно е да се продолжи со реформата на Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) и начинот на дизајнирање и имплементирање на активни програми за пазарот на трудот (АППТ) користејќи ги добрите практики во земјите на ЕУ. Исто така е неопходно унапредување на системот на посредување при вработување на АВРМ.

 

Ова значи дека активните програми за пазарот на трудот, кои што опфаќаат широк спектар на активности од обука, мерки за поттикнување на претприемништвото,  субвенции за плати и јавни работи, треба да бидат подобро дизајнирани и насочени. Ова пред сé се однесува на најранливите категории и на младите, бидејќи тие претставуваат профитабилна инвестиција од фискална перспектива.

 

На страната на понудата на работна сила посебно значење има и усогласувањето на образовните вештини со барањата на пазарот на трудот, мекри за поттикнување на доживотното учење, креирање на амбиент за промоција на математичките, техничките и когнитивните вештини, зголемување на бројот на лицата со повисок степен на образование и меѓународно признаени професионални сертификати за нивните квалификации и вештини, иницијативи за социјално вклучување и борба против сиромаштијата и сл.

 

Побарувачката за работна сила е функција на побарувачката за стоки и услуги, со оглед на технологијата што се користи. Оттука, се очекува побарувачката за работна сила да биде поголема во услови на раст на економија. Една од клучните детерминанти на економскиот раст е нивото на инвестиции во економијата, што се одразува на очекувањата за иден економски раст и општото деловно опкружување. За зголемување на побарувачката на работна сила посебно значајни е и спроведувањето на структурните реформи кои помагаат да се подобри ефикасноста на распределбата и да се зголеми продуктивноста.  Успешноста на структурните реформи непосредо е условена од квалитетот на институциите (ефикасност на владата), трудовото законодавство (флексибилни плати) и финансиски развој (достапност на финансиски услуги).

 

Република Македонија е исправена пред сериозни задачи ако се има предвид дека во сите компоненти на пазарната економија има сериозни недостатоци, недоразвиености, т.е. неперфектност надополнета со институционални слабости. Ова не затоа што нема формално правно институции и законска рамка, туку недостасува нивно доследно функционирање и спроведување што го искривува пазарното функционирање и ја дерогира конкуренцијата кон монополско и олигополско делување. Тоа се тешки нарушувања за пазарната економија кои мора енергично и упорно да се отстрануваат за да се отвори простор на вистинска и здрава конкуренција што би требало да отвори перспектива за вистинска пазарна економија.

 

 

Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и  ЕПИ ЦЕНТАР ИнтернационалСодржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош. 

 

Повеќе

Постапување со опасен отпад 08.10.2018

 Автор: Славјанка Пејчиновска – Андонова

 

Дали сте компанија која користи опасни хемикалии/супстанции во секојдневното работење и производство? Многу мали компании користат. Веруваме дека правилно ги складирате, обележувате и постапувате со нив согласно Безбедносните листи кои ја пратат секоја супстанција која влегува во Вашиот погон. Но, дали Вашите вработени умеат да го идентификуваат опасниот отпад и дали се запознаени со правилниот начин за негово управување?

 

Знаете ли дека ако го помешате опасниот отпад со комуналниот и го ставите во контејнер чија содржина оди на депонија, директно ќе ги загадите  нашите почви, подземни води, реки, езера и воздух? Можеби не сте свесни, мислите дека тоа е само мало количество на отпадно масломала празна кантичка која содржела боја или растворувач или пак неколку азбестни табли кои ги заменивме на кровот на старата портирница?  

 

Во светот, но и во нашата земја, на опасниот отпад му се посветува посебно внимание токму поради својствата кои ги поседува, а кои кажуваат какви се негативни влијанија може да предизвика на животната средина и на човечкото тело.

 

Согласно истражувањето направено во 2014 година во Македонија базирано на податоци од индустриски сектор (вкупно 158 компании кои поседуваат А и Б интегрирана еколошка дозвола) вкупното количество  на опасен отпад кој се создал во претходната година изнесувал  14.722,91 тони. Тој потекнува од различни индустриски гранки, најголем создавач на опасни фракции отпад е секторот метална индустрија, следува индустријата на експлоатација на минерални суровини, а најмал удел имаат прехранбената и преработка на хартија што е прикажано на графикот подолу.

 


 

Истражувањето идентификува дека 91% од опасниот отпад е складиран/привремено депониран на локација на создавачите, а само 9% од опасниот отпад се рециклира, повторно употребува или преработува.

 

 

Статистичките податоци од Државниот Завод за статистика на РМ за 2016 и 2018 година (Отпад според секторите од економска активност) со податоци за 2014 и 2016 година покажуваат удел на опасниот отпад во вкупниот отпад создаден од деловните субјекти (презентиран на следниот график) од 2,13% во 2014 година и 3, 99% во 2016 година што претставува раст од 87%. 

 


 

Неодамнешно истражување во Велика Британија (2014) покажало дека околу 4 милиони МСП (мали и средни претпријатија) во земјата немале воспоставен систем за правилно постапување со опасниот отпад (на пр. отпадни светилки, аеросоли, батерии или маслени крпи кои ги користеле во производните погони) што претставувало 80 % од вкупниот број на МСП, а околу 45% од испитаниците биле несвесни за фактот дека можат да бидат казнети поради несоодветното одлагање на опасниот отпад. Најважно е дека околу 32% од компаниите одговориле дека не се сигурни дека нивните вработени знаат да ги идентификуваат опасните фракции отпад и на кој начин да постапуваат со нив.

 

Во Македонија не е извршено слично истражување, но верувам дека ситуацијата не е подобра и дека управувањето со опасниот отпад претставува голем предизвик за сите нас – компаниите, регулаторите, образовните институции и консултантите, но и невладините организации.

Затоа сметам дека прв, многу важен чекор кон правилно управување со било која фракција на отпад, вклучувајќи го и опасниот, е идентификација на отпадот, односно да се провери дали во производниот процес или Вашата управна зграда се создава отпад кој има едно или повеќе опасни својства.

 

Дефинирање на опасен отпад

 

ЕУ Директивите, законските прописи на САД кои ги регулира EPA- Environmental Protection Agency и националните прописи од областа на животната средина (поточно Законот за отпад) ) го дефинираат Опасниот отпад како отпад кој според својот состав или концентрации на опасни супстанции што ги содржи може да предизвика опасност по животната средина, животот и здравјето на луѓето а воедно има едно или повеќе опасни својства/карактеристики.

Кои се тие опасни својства/карактеристики?

Најважни опасни карактеристики кои го одредуваат отпадот како опасен се:

·       експлозивност (на пр. отпад кој содржи тринитротолуол, амониум нитрат, пиротехнички реагенси и сл.),

·       реактивност (оксиданси) – на пр. отпадни боци со кислород, диазот оксид, итн.  

·       запаливост (на пр. отпад кој содржи метанол, ацетон, бензен, нафтени деривати, мазут, бензини, керозин, запаллив метален прав и сл.),

·       надразливост, токсичност, инфективност, канцерогеност, мутагеност, токсичност за репродукција, екотоксичност (на пример отпад кој содржи хлорни соединенија, инсектициди, пестициди, оловни, живини соединенија, соединенија на никел, кадмиум, ПОПс хемикалии, електричен и електронски отпад, батерии и акумулатори и др.),

·       и својства на испуштање отровни гасови при контакт со вода, воздух или киселина.

Битно е да се спомене дека опасен отпад е и секој отпад што е измешан со опасен отпад и затоа е многу важно да не дојде до мешање на опасен со неопасен отпад или отпад кој може да се рециклира/реупотреби или согори.

Користејќи ја националната Листа на отпади во која сите фракции на отпад се поделени во 20 главни групи по местото на создавање на отпадот и опасниот отпад е означен со ѕвезда, ќе можете да препознаете дали кај Вас се создава опасен отпад и истиот да го селектирате од неопасниот.

 

 


Како примери на опасен отпад кои може да се сретнат во Вашата компанија ги посочуваме следните (во заградата е дадена шифрата на отпад):

 

Машинско масло (12 01 19*), употребени восоци и масти (12 01 12*), мазут и дизел гориво (13 07 01*), бензин (13 07 02*), отпадни хидраулични масла (13 01- сите типови), отпадни трансимисиони масла и масла за подмачкување (13 02 – сите типови), отпадни масла за изолација и за пренос на топлина (13 03-сите типови), филтри за масло (16 01 07*), отпадни води кои содржат опасни супстанции (16 10 01*), отпад што содржи масло (16 07 08*), оловни акумулатори (16 06 01*), никел кадмиумски батерии (16 06 02), батерии што содржат жива  (16 06 03*), трансформатори и кондензатори што содржат ПХБ (16 02 09*), антифриз што содржи опасни супстанци (16 01 14*), искористени возила (16 01 04*), стакло, пластика и дрво што содржат или се загадени со опасни супстанции (17 04 04*), растворачи (20 01 13*), киселини  (20 01 14*), бази (20 01 15*), фотохемикалии (20 01 17*), пестициди (20 01 19*), батерии и акумулатори (20 01 33*), дрво што содржи опасни супстанции (20 01 37*) и други.

 

 

Начин на одлагање

 

По идентификацијата, опасниот отпад треба да се одвои од неопасниот, да се спакува во посебни садови, конструирани во зависност од видот на отпадот (запалив, експлозивен, инфективен и слично), на кои задолжително треба да стои ознаката “Опасен отпад” и шифрата на отпад. Просторот каде привремено ќе се складира  опасниот отпад треба да биде јасно обележан и одделен од другите објекти со ограничен пристап за неовластени лица.

Доколку опасниот отпад е наменет за извоз, третман, преработка и отстранувањетреба претходно да се изврши испитување на неговите карактеристики.

Во Македонија не постои регионална депонија за одлагање на опасен отпад и истиот се извезува или преработува во компании кои имаат еколошка дозвола и дозвола за третман/преработка.

 

Усогласеност на начинот на управување со отпад со ЕУ регулатива

 

ЕУ регулативата е речиси во целост транспонирана во националното законодавство и управувањето со опасниот отпад е воспоставен на ист начин, преку главните барања дефинирани во Правилник за поблиските услови за постапување со опасниот отпад и начинот на пакување и означување ( Службен Весник на РМ бр. 15/08), а секој вид на опасен отпад поединечно ( на пр. отпад кој содржи азбест, електричен и електронски отпад, отпадни масла, отпад од батерии и др.) е регулиран со посебен законски/подзаконски пропис.

Во тек се донесувања на нови закони за отпад од електрична и електронска опрема и батерии и акумулатори.

 

Дали и колку се применува во пракса управувањето со опасен отпад?

 

На индивидуално ниво секој оператор постапува со опасниот отпад во зависност од познавањето на барањата на националното законодавство при спроведување на своите активности. Недостасуваат специјализирани обуки на вработените за правилно постапување со опасниот отпад, водење на евиденција, но и заштитна средства кои треба да се користат при ракување со овој вид на отпад.

 

Операторите кои изведуваат активности на отворено најчесто се придржуваат до барањата од националното законодавство преку собирање, означување и складирање на опасниот отпад на соодветна локација, а потоа и негово предавање на овластени компании.

 

На следниот линк може да ја видите Листата на овластени компании за собирање и транспорт на опасен отпад: http://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2014/11/Registar-za-Transport-opasen-otpad.pdf) воспоставена од страна на Министерство за животна средина и просторно планирање. Регистерот  на издадени дозволи за складирање на електричен и електронски отпад, батерии и акумулатори и отпадни масла се наоѓа на следниот линк – http://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2014/11/Skladiranje-i-tretman-na-opasen-otpad-apdate-02-2016.pdf.

 

Наша препорака е добро да се погледнат дозволите кои ги поседуваат овластените компании (мора да ги видите шифрите на опасен отпад за кој ја добиле дозволата и нејзината важност)!!!

 

Инцидентно е присутна и појава од несовесни овластени компании кои и покрај потпишани Договори за преземање на опасниот отпад поради оддалеченоста на компанијата од која треба да се собере и транспортира опасниот отпад и мала количина на отпад како неисплатливо го сметаат подигањето на отпадот. Недостатокот на одзив и собирање на создадениот отпад за кој имаат склучено договор, ги принудува компаниите да го складираат истиот во рамките на инсталацијата, но тоа од нив бара дополнителни трошоци за обезбедување на место, посебни услови на чување, можни се и казни при инспекциски надзор, финансиски губитоци поради плаќање глоби и нарушување на имиџот.

 

Дел од правните субјекти кои вршат преземање на опасниот отпад се: “Минол” ДООЕЛ од Штип, “Полиеко Балканс” ДООЕЛ од Скопје, “ Нулта отпад од Скопје, “ Елколект“ од Скопје, ЕкоЦентар 97” oд Скопје,  “Петреп” од Штип , “Ф Групација” ДОО од Скопје и други.

 

Овие компании веќе подолг период работат на територија на целата земја, имаат искуство, соодветен возен парк, машини и опрема и обучен кадар.

 

Видови и висина на глоби при несоодветно одлагање на опасен отпад

 

Регулаторот дефинирал глоби во износ од 3.000 до 4.000 евра во денарска противвредност кои ќе се изречат за прекршок на правно лице кое постапува со отпад, доколку:

§  не го селектира и не го класифицира опасниот отпад, според видот и карактеристиките определени во Листата на видовите отпад,

§  не го складира опасниот отпад на местата, во објектите или во инсталациите предвидени за таа намена,

§  го истура и/или го фрла опасниот отпад во водите, почвата, во садови кои не се предвидени за собирање на одредени видови на отпад, во канализационите и во другите инфраструктурни системи и објекти,

§  го меша опасниот отпад со други видови опасен отпад и врши мешање на опасен со неопасен отпад,

§  создавачот и/или поседувачот на опасен отпад не предаде/ предадат идентификационен формулар со податоци за видот, местото на настанување, количеството и начинот на пакување на опасниот отпад,

§  не го означува пакувањето на опасниот отпад со натписот „Опасен отпад", како и видот, физичките и хемиските карактеристики на отпадот,

§  не го пакува опасниот отпад во посебно конструирани садови, во зависност од видот, физичките и хемиските карактеристики на отпадот,

§  не склучи договор за собирање и транспортирање на опасен отпад и др.

Покрај компанијата ќе биде казнето и одговорното лице во правното лице кое постапува со отпад за горенаведените дејствија во износ од 400 евра во денарска противвредност.

 

 

Ако сте Менаџер на компанија, вложете време и финансии за обуки за вработените и воведување на правила за постапување со опасниот отпад согласно законските прописи, но и добрите европски/светски практики со што ќе ги заштитите здравјето на вработените и нашите реки, почва и воздух.

 

Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и  ЕПИ ЦЕНТАР ИнтернационалСодржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош. 

 

<iframe width="1100" height="660" src="https://www.youtube.com/embed/D0zX0BfNNwg" frameborder="0" allow="autoplay; encrypted-media" allowfullscreen></iframe>

Повеќе

Даночни ослободувања за компании кои ќе донираат за развој на спортот 04.10.2018

Автор: Борче Смилевски

 

Со цел да се поттикнат компаниите да инвестираат во развојот на спортот, во Законот за данокот на добивка се предвидени даночни ослободувања за компаниите кои ќе донираат финансиски средства на националните спортски федерации, Македонскиот Олимписки комитет, спортските клубови и индивидуалните спортисти. 

Законот им дава право на компаниите да го намалат пресметаниот данок на добивка за износот на дадената донација на некој од гореспоменатите субјекти, но најмногу до определен процент од пресметаниот данок. 

Конкретно, Законот пропишува дека на :

1) обврзникот (компанијата) кој донирал финансиски средства на спортски федерации  и Македонскиот олимписки комитет кои се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок за износот на дадената донација но најмногу до 40% од пресметаниот данок,

2) обврзникот кој донирал финансиски средства на фудбалски клубови кои се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок за износот на дадената донација но најмногу до 50% од пресметаниот данок,

3) обврзникот кој донирал финансиски средства на кошаркарски клубови кои се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок за износот на дадената донација но најмногу до 40% од пресметаниот данок,

4) обврзникот кој донирал финансиски средства на ракометни клубови кои се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок за износот на дадената донација но најмногу до 40% од пресметаниот данок.

5) обврзникот кој донирал финансиски средства на спортски клубови во другите спортови кои не се погоре наведени  кои се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок за износот на дадената донација но најмногу до 35% од пресметаниот данок.

6) обврзникот кој донирал финансиски средства на активни спортисти од  олимписките спортови и кои таквиот статус го стекнуваат според услови и критериуми пропишани во Законот за спортот, кои средства се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок за износот на дадената донација но најмногу до износот од 10% од пресметаниот данок.

7) обврзникот кој донирал финансиски средства на активни спортисти од неолимписки спортови и кои таквиот статус го стекнуваат според услови и критериуми пропишани во Законот за спортот, кои средства се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок за износот на дадената донација но најмногу до износот од 5% од пресметаниот данок.

Компанијата која донирала финансиски средства на спортски клубови, има  право на намалување на пресметаниот данок, доколку клубовите се натпреваруваат во национален систем на натпревари каде има натпреварување во организирана лига и да имаат регистрирана и активна младинска школа.

Законот за данокот на добивка пропишува дека и  за дадените донации на најмногу еден спортски клуб во календарската година кој не учествува во организирана национална лига, на обврзникот му се намалува пресметаниот данок за износот на дадената донација но најмногу до 5% од пресметаниот данок.

За да го оствари правото на намалување на пресметаниот данок на доход компанијата треба да поседува потврда од Агенцијата за млади и спорт дека субјектите кои се корисници на добиените донации се субјекти кои ги исполнуваат условите за користење на правото на даночно намалување согласно Законот за спортот.

Потврдата ја обезбедува примателот на донацијата по претходно поднесено барање до Агенцијата за млади и спорт. Образецот на барањето и потребната документација која треба да се приложи кон истото се достапни на веб страна на Агенцијата за млади и спорт.

При пополнување на Даночниот биланс (образец „ДБ“) компанијата која донирала финансиски средства во спортот, целиот износ на дадената донација го искажува  на реден број 26, додека на реден број 36 го искажува износот на пресметаното намалување на данокот по основ на дадената донација во спортот. 

Даночните поттикнувања (правото на намалувањето на пресметаниот данок)  можат да бидат остварени само по еден од наведените основи и не можат да се кумулираат.

Искористеното право за намалување на пресметаниот данок на добивка по овој основ, го исклучува правото на даночно поттикнување кај данокот на добивка согласно со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности.

Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и  ЕПИ ЦЕНТАР ИнтернационалСодржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош. 

Повеќе

Модели за надминување на сива економија 21.09.2018

 Автор: Кирил Миновски

 

Со цел да се изнајдат начини за надминување на проблемот со сивата економија, неопходно е најнапред да се даде осврт на семантичкото значење на поимот сива економија. Постојат бројни термини кои што се користат во литературата во контекст на  сивата економија. Покрај терминот сива економија, многу често во јавноста за истата појава циркулираат и термините: подземна, неформална или паралелна економија.

 

Сивата економија не ги опфаќа само нелегалните активности, туку и непријавени приходи од производство на стоки и услуги кои легално се произведуваат или од се дел од банкарски трансакции. Тоа значи дека сивата економија ги опфаќа сите економски активности кои генерално би се оданочувале, доколку истите се пријавени на даночните власти.

 

Повеќе меѓународни финансиски институции кои се фокусираат на меѓунардониот економски развој се обидуваат да ја дефинираат сивата економија, имајќи го во предвид нејзиното значење. Организацијата за економска соработка и развој – (OECD) ja дефинира сивата економија како „Збир на активности кои се економски продуктивни и сосема легални (под услов да се почитуваат одредени стандарди или прописи), но кои намерно се сокриени од јавните власти поради следниве причини:

 

а) за да се избегне плаќање на даноци;

б) да се избегне плаќање придонеси за социјално осигурување;

в) да се избегне почитувањето на правни стандарди, како што се минималните плати, максималните часови на работастандарди за безбедност и здравје при работа итн.

 

Меѓународниот монетарен фонд ги класифицира активностите поврзани со сивата економија во неколку категории:

 

  • Избегнување на плаќање даноци – опфаќаат непријавен приход од самовработување, плати, приходи и средства од непријавена работа поврзана со легални стоки и услуги;

  • Даночна евазија  - избегнување на плаќање на придонеси за вработените;

  • Неплаќање даноци – целосно нерегистрирана продажба на легални стоки и услуги;

 

Меѓународната организација на трудот (МОТ) ја дефинира сивата економија како економска активност на работниците или компаниите коишто не се законски или се недоволно формално правно поткрепени.

 

Постојат два начина за мерење на сивата економија: директен и индиректен. Директниот подразбира директнопсервација на сивата економија, најчесто по пат на анкета или студија, додека вториот метод е индиректниот метод на мерење, кој што базира на користење на макроекономски показатели. Во индиректните методи на мерење на сивата економија најчесто се користат методот на потрошувачка на енергија, методот на побарувачка на готови пари, методата на користење на повеќекратни индикатори и повеќекратни причини (MIMIC) методата.

 

Мерки за сузбивање на сивата економија, деловни практики и компаративни искуства

 

Потенцијалните фактори за настанување на сивата економија се класифицираат во четири групи:

 

1.      Висина на даноци

Висината на даноците, вклучително и на придонесите, директно влијаат врз обемот на неформалната економија;

2.      Законска рамка

Доколку законската рамка е премногу сложена и тешка, се зголемува мотивацијата за избегнување на законите и за работа во неформалниот сектор.

3.      Корупција

Односот помеѓу корупцијата и нерегистрираната економија е правопропорционаленВисоката корпуција ја зголемува мотивацијата за работа во неформалниот сектор и високата корупција влијае негативно на примената на законските прописи.

4.      Ефективност на владата

 

Ако владата е поефикасна во обезбедувањето јавни добра, даночниот морал ќе биде поголем и мотивираноста за останување во формалниот сектор ќе биде поголема.

 

Дел од економистите го минимизираат значењето на наведените фактори и истите  се залагаат за спроведување мерки за зголемување на заштитата на работната сила и зголемување на социјалните трансфери со цел намалување на сивата економија.

 

Затоа, различни земји спроведуваат различни мерки со цел намалување на сивата економија. Повеќето земји прават обиди за воспоставување ефективни механизми за контрола на сивата економија, како што се: имплементација на различни политики, промена на системот на казникористење на стимулации за економски раст, зголемување на свеста кај населението, реформи во даночниот систем, реформи во системот за социјално осигурување итн. Ефектите од мерките што се применуваат во основа се разликуваат од земја до земја и успехот на истите е условена од повеќе фактори како што се: даночна политика, законодавство, степен на развиеност на инситуциите, даночен морал на населението, стапка на корупција и сл.

 

Состојба на сивата економија во Македонија

 

Податоците од мерењето на сивата економија во Македонија, иако се разликуваат во различни студии, генерално покажуваат дека истата се движи помеѓу 32-34% од БДП. За справувањето со проблемот на сивата економија покрај Владата и владините инсиституции, надлежни се и Министертсвото за труд и социјална политика (МТСП), Министерството за економија, Агенцијата за вработување (АВРМ), Трудовата инспекција, Пазарната инспекција, Управа за јавни приходи, Царинска управа и Финансиска полиција. Од посебно значење е инволвирањето на организациите на работодавачи и синдикатите како социјални партнери, како и вклучување стопанските комори, од причина што сивата економија директно го засега капиталот, работодавачите и вработените во формалниот сектор и претставува форма на нелојална конкуренција која што го подрива економскиот раст на земјата.

 

Почнувајќи од 2013 година се изработува Акциски план за намалување на сивата економија (Министерство за економија, 2013, МТСП, 2014) и истиот претставува консултативен напор за координирање и следење на активностите на неколку институции и регулаторни тела во полето на справување со непријавената работа и нејзините различни.

 

Мерките што се преземаат опфаќаат активности за јакнење на системот на контрола на инспекциските служби за справување со сивата економија (контроли засновани на управување со ризик, јакнење на форензиката, центар за наплата на глоби и сл) и јакнење на казнената политика, поедноставување на законската рамка и начинот на плаќање на даноци и придонеси (унапредување на системот на е-даноци, електронски услуги за компаниите) , директни даночни стимулации, стимулирање на процесот на вклучување на бизнисите во формалниот сектор (социјален дијалог, минимална плата, намалена стапка на придонеси, регулирање на статусот на сезонските работници, програми и грантови за самовработување, преквалификација и друг вид на активни мерки на пазарот на труд.). Последната група на мерки опфатени со акцискиот план се однесува на јакнење на јавната свест (кампањи и телефонски линии за пријавување на непријавената работа/нерегистрираната дејност).

И покрај позитивните ефекти од спроведените мерки, ефектите од истите треба да продолжат да се анализираат и мерките предвидени во секој нареден акциски план да ги одразуваат реалните потреби во процесот на справување со сивата економија.

 

Позитивни и негативни ефекти од Законот за спречување перење пари и финансиски тероризам

 

Со последните измени на Законот за спречување на перење пари и финансиски тероризам се врши усогласување на Законот со европското законодавство во борбата против организираниот криминал. Со одредбите на 4-та ЕУ Директива се спречува употребата на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање на тероризам од 2015 година (29=015/849 ЕЦ). Со законот се проширува опсегот на носители на јавна функција спрема кој што се преземаат мерки на засилена анализа, се воведува и определува надлежноста на Советот за борба притив перење пари и финансирање на тероризам, се зголемува опсегот на физички и правни лица кои што се задолжени да преземаат мерки дејствија: аукции, игри на среќа, обложувалници, автомат клубови и сл. Исто така, се предвидува обврска правните лица да поседуваат регистар на вистински сопственици и се предвидува намалување на износот на забрана за вршење на готовински плаќања од 15,000 евра на 2,000 и се усогласува прекршочниот дел со одредбите од Законот за прекршоци.  Несоменено дека во најголем дел измените се однесуваат на Директивата и покривање на дејности што претходно не биле опфатени со Законот, а за кој се наметнала потреба согласно европските искуства. На реакции кај дел од јавноста и дел од коморите наидоа само измените на износот на забраната на вршење на готовински плаќања во која што новиот праг на плаќање во готовина се сведува на 2,000 евра. Од тие причини е неопходно спроведување на дополнителни анализи со цел да се утврди соодветната висина на долниот праг на купување во готови пари, за да се избегне евентуално правопропорционалното влијание врз зголемувањето на сивата еконоимија, од проста причина што регулативата е еден од факторите што директно влијае врз сивата економија.

 

Искуствата покажуваат дека прашањето на сивата економија е комплексен феномен. Справувањето со сивата економија зависи од низа фактори кои што претходно беа елаборирани (даноци, регулатива, корупција, институции и сл.). Даночната политика е еден од факторите што директно влијаат врз сивата економија. Високите даноци, во услови на неефикасна и бирократизирана администрација најчесто не ги даваат посакуваните ефекти и влијаат врз зголемување на даночната евазија и сивата економија. Во справувањето со сивата економија од посебно значаење е да се продолжи со имплементирање на мерките од акцискиот план за справување со сивата економија, пред се во поглед на активните политики на пазарот на труд. Ваквите политики треба да ја зголемат усогласеноста на понудата и побарувачката на работната сила како и мерките на формализација на бизнисите, поедноставување и дигитализација на услугите што ги нудат владините инстиуции. Развивањето на социјалниот дијалог и користењето на механизмите на јавно приватен дијалог се фактот кој што влијае исто така позитивно на решавањето на проблемот со сивата економија.

 

Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и  ЕПИ ЦЕНТАР ИнтернационалСодржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош. 

Повеќе